Земјотрес со јачина од 6,3 степени го стресе Еквадор
Сеизмолошки потрес со јачина од 6,3 степени според Рихтер ја погоди еквадорската крајбрежна област денеска, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ). Земјотресот предизвика оштетувања на објекти во градот Есмералдас и доведе до привремено затворање на дел од нафтената инфраструктура.
Според ЕМСЦ, земјотресот се случил на длабочина од 23 километри.
Владата во прелиминарен извештај соопшти дека едно лице е повредено и дека се оштетени повеќе јавни објекти и приватни куќи. Во некои области поради земјотресот беше прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Претседателот Даниел Нобоа, во објава на социјалната платформа Х, напиша дека владата работи на изградба на засолништа, доставување хуманитарна помош за децата и „помага со се што му треба на населението“.
Државната нафтена компанија Petroecuador извести дека ги прекинала операциите во рафинеријата Есмералдас и гасоводот СОТЕ како мерка на претпазливост по земјотресот, без да објави детали за потенцијалното влијание врз производството.