Вајц: Брисел да разјасни дали Протоколот потпишан со Бугарија е услов за Македонија

Речиси 100 амандмани поднесоа бугарските европарламентарци на извештајот на Томас Вајц за прогресот на Македонија. Тоа значи дека практично една третина од сите амандмани поднесени за извештајот на Европскиот парламент доаѓаат од преставниците на Софија, како да немаат друга потреба и сатисфакција во ЕУ – освен да се занимаваат со евроинтеграцијата на нашата држава, пишува Независен.

Ако се погледне пак што бараат во амандманите, испаѓа дека главниот напор им е насочен кон тоа да поминат уставните измени во Македонија, но меѓу редови веќе може да се „прочита“ дека почнуваат да ја спорат процедурата, т.е. заклучоците на Советот од 2022 година дека, ако влезат Бугарите во Уставот, автоматски ќе продолжат преговорите со Македонија.

– AdvertiПрактично,бугарските европарламентарци ги користат слабостите во внатрешното управување со нашата држава за да го условуваат дополнително процесот со незадоволителните резултати околу борбата со корупцијата, владеењето на правото и други прашања и на тој начин отвораат простор да се бутнат од под тепихот и прашањата од кои не се откажува Бугарија – заедничките славења, историјата, јазикот, досиејата на службите, говорот на омраза, учебниците…

Тоа што зад тие амандмани освен бугарските пратеници не стои никој друг (освен можеби Жордан Бардела од Националниот собир на Франција бидејѓи му е од корист се што води кон непроширување на ЕУ), ја прави мала веројатноста дека тие ќе поминат во Комисијата за надворешна политика на ЕП (АФЕТ). Но, целта е очигледно да се проблематизира статусот на Македонија и да се шири листата на барања.

Од таа причина веројатно известувачот Томас Вајц самиот предложи амандман на извештајот со кој за првпат побара правната служба на Европскиот совет под итно да ги разјасни „сите двосмислености околу правниот статус во процесот на пристапување кон ЕУ на вториот билатерален Протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство“ меѓу Бугарија и Македонија. Вајц практично бара Европскиот совет да каже „што сака да каже“ со заклучоците од 2022 година каде што го споменува Протоколот, но не го наведува како задолжителен услов, во ситуација кога тој излегува далеку од рамката за уставни измени и се користи како аргумент дека нема гаранција дека и по оваа отстапка, Македонија нема да биде и натаму заглавена на патот кон ЕУ.

Иако бугарските пратеници не го споменуваат, Вајц исто така го отвора и прашањето за македонскиот јазик и идентитет со амандман во кој стои дека „го признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитет“, но нагласува дека „неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања имаат влијание врз оценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија во пристапувањето во ЕУ, кое останува засновано на
критериумите од Копенхаген и принципите на добрососедски односи, а во согласност со критериумите договорени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година“.

Кажано поинаку, на индиректен начин Вајц кажува дека има различни толкувања за овие прашања, но со оценката дека тие немаат влијание на ЕП практично ги вади од Копенхашките критериуми и од Преговарачктаа рамка. Во продолжение Вајц бара Европскиот совет и Европската комисија поективно да се ангажираат за деблокада на преговорите со Македонија, а отворањето и затворањето на преговарачките поглавја да се решава со квалификувано мнозинство, место како сега – за секоја етапа да се гласа со консензус.

Бугарските европарламентарци судејќи по амандманите настапуваат многу синхронизирано и таргетирано. Тие се повикуваат на оценките на ЕП дека Македонија лани остварила помал прогрес во исполнувањето на условите на ЕУ од претходно, па го проблематизираат барањето за автоматско продолжување на преговорите ако пројдат промените на Уставот. Ивајло Валчев бара исто така да влезе во извештајот дека Македонија не ги исполнува преземените меѓународни обврски, а како аргумент не го користи само договорот за уставните измени и генерално договорот за добрососедство со Бугарија, туку и Преспанскиот договор. Долгорочно, бугарските европарламентарци играат на картата на јазичните права, што се гледа од амандманите со кои жестоко го бранат Законот за употреба на јазиците во Македонија и употребата на албанскиот јазик, бидејќи според нив таа е загрозена од одлуките на Уставниот суд. Наедно тие бараат враќање на Балансерот или на друг механизам кој ќе ја гарантира правичната застапеност на малцинствата, што како прашање не го покренува никој друг во ЕП.

Амандманите пак на другите европарламентарци со кои се бара билатералните прашања да се решаваат низ „меѓусебен дијалог и надвор од процесот на проширување на ЕУ“, или со кои се инсистира на „јасни критериуми, без политички условувања“ ги пресретнуваат со контра амандмани со кои, освен што се повикуваат на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, одат и чекор понатаму – барајќи посебни извештаи за одредени аспекти од Протоколот. Така, преку неколку амандмани Андреј Ковачев од ГЕРБ бара Европската комисија во рамките на извештајот што секоја година го објавува за напредокот на Македонија да посвети посебни делови за работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и за третманот на Бугарите во Македонија, па и да има некој вид акциски план за спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија – со јасни обврски, временски рокови и постигната имплементација. Карикирано кажано и за нив да има извештаи во извештајот за Македонија, што ќе им даде посебна тежина на односите со Бугарија и од овие обврски ќе направи условувања.

Во амандманите што ги поднесоа Валчев, Ковачев и Стојанов исто така јасно се отфрла можноста за некаква друга форма на членство за Македонија во ЕУ или некакво политичко, економско или безбедносно партнерство – како постепено , фазно или превртено, што се промовираше како опција изминатиот период, а во делот од извештајот во кој се бара отворање на преговорите за кластерот „Основи“ веднаш откако ќе се направат уставните измени, да се заменат тие зборови со фразата: „да продолжи процесот на пристапувањето“, што потоа може да се толкува на многу начини.

Лошата вест е дека и други европарламентарци бараат да се избрише можноста за фазно пристапување во ЕУ, да се инсистира на стриктно исполнување на условите за да напредува процесот, да не ни се гарантираат преговори воопшто бидејќи нашето членство би било штетно за ЕУ, па и да се сугерира дека можеби за нас е поприфатлив некој друг сојуз. Дури и амандманот со кој се бара „Советот да гарантира дека по уставните измени преговорите со Македонија ќе продолжат“, т.е. со кој се бара гаранција за „гаранцијата“ што ја имаме веќе за преговорите со ЕУ, се праќа непријатен сигнал дека и тоа што мислевме дека е „запечатено“, почнува дискретно да се проблематизира од некои парламентарци во ЕП. Уште повеќе, и известувачот Вајц веќе не бара толку силни гаранции за членство на Македонија во ЕУ туку и тој во еден од амандманите бара постепена интеграција, т.е. фазно членство.

Генерално, голем број од амандманите на бугарските европарламентарци и овојпат се однесуваат на говорот на омраза што наводно е широко распространет кон Бугарите во Македонија, иако се повикуваат на инциденти од изминатите години, но со една амбиција повеќе – тој да се санкционира не само во социјалните медиуми туку и да се контролира тоа што го пишуваат медиумите. Очекувано, тие бараат да се вратат старите правила за регистрацијата на бугарските клубови, бидејќи сметаат дека измените на законот што беа донесени кај нас, а се однесуваат на регистрацијата на сите невладини организации, фондации или организации, се дискриминаторски, ретроактивни и ги таргетираат преставниците на бугарското малцинство, пред се бидејќи се базираат, како што оценуваат, на „дискриминаторски толкувања за историски фигури и настани“.

Ковачев пак бара Македонија да слави заедничка историја и личности само со соседни земји што се „членки на ЕУ“ , исклучувајќи ја практично Србија поради штетно влијание во регионот. Како врв на се, групата бугарски парламентарци бараат да се внесе амандман со кој се оценува дека Акцискиот план за малцинствата што го подготви Македонија, и кој е еден од трите документи што ги побара ЕУ пред да продолжат преговорите за членство, не обезбедува ефективна заштита од говорот на омразата и од насилствата – со препорака државата да продолжи да работи на него, иако беше подготвуван со помош на Советот на Европа и според неговите стандарди за малцинствата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close