Вајц: С. Македонија не може да ги предоговори уставните измени

Уставните измени се барање за кое не може да се преговара. Ако нема исполнување на овие критериуми и услови, нема да има напредок на патот кон пристапувањето. Имам многу јасна комуникација со Владата на С. Македонија дека ова барање мора да биде исполнето и дека не подлежи на преговори – изјави европратеникот и известувач за С. Македонија – Томас Вајц во интервју за БГНЕС.
За минатогодишниот извештај за земјава кој беше проследен со многу амандмани и дебати околу чувствителни формулации во текстот, Вајц вели „штотуку ги започнавме преговорите и процесот на поднесување амандмани исто така штотуку започна. Имам ограничувања во однос на бројот на зборови што можам да ги вклучам во првиот нацрт. Должината на првиот нацрт се одредува според правилата тука, во Европскиот парламент. Сега сите членови и сите известувачи во сенка се поканети да предложат свои амандмани. Овој процес на преговори само што започна и претпоставувам дека ќе трае до мај“.
На прашање за корупцијата која останува хроничен проблем за целиот регион на Западен Балкан, европратеникот вели „корупцијата е проблем што го споделуваат многу држави во ЕУ и надвор од ЕУ, во различна мера. Таа им штети на интересите на граѓаните во целата Европска Унија и сметам дека сите треба да се стремиме да се бориме против корупцијата на секој можен начин. Извештајот јасно наведува дека се потребни дополнителни напори за спротивставување на корупцијата. Во него исто така се наведува дека е потребен поголем напредок во однос на владеењето на правото, за да се гарантира пристап до правда и да се исполнат Копенхашките критериуми. Извештајот детално ги разгледува и слободата на медиумите и слободата на граѓанското општество, како и прашањата поврзани со животната средина. Се надевам дека нацртот веќе ги посочува најважните насоки, но преку процесот на амандмани извештајот ќе биде дополнет со нови формулации и дополнителни параграфи кои сè уште треба да бидат договорени“.
На прашање од БГНЕС дека „властите во Скопје тврдат дека „не ѝ веруваат на Бугарија“, повикувајќи се на стравувања од „дополнителни билатерални услови“ прашуваат „Дали доведувањето во прашање на преговарачката рамка ја поткопува довербата и во европските институции?“.
„Во тој поглед сите сме на иста позиција. Уставните измени се барање. Тоа не подлежи на преговори. Ако нема исполнување на овие критериуми и услови, нема да има напредок на патот кон пристапување. Многу би жалел поради тоа и сите сме на иста позиција. Имам многу јасна комуникација со Владата на Северна Македонија дека ова барање мора да биде исполнето и дека не подлежи на преговори“ рече Вајц.






