Вадефул: Признавање на палестинска држава е можно само по преговори за решение со две држави
Германија смета дека признавањето на палестинската држава треба да се случи дури на крајот од преговарачкиот процес за решение со две држави со што ја повтори својата позиција како реакција на одлуката на неколку земји да ја признаат државата Палестина.
– Договорено решение за две држави е патот што може да им овозможи на Израелците и Палестинците да живеат во мир, безбедност и достоинство, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред да отпатува за Њујорк, каде што треба да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.
– За Германија, признавањето на палестинската држава би било крајна точка во процесот. Но, тој процес мора да почне сега, додаде тој.
Германија, заедно со САД, е еден од најголемите сојузници на Израел.
По речиси две години војна во Појасот Газа, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера ја признаа државата Палестина, а се очекува Франција и други земји денеска во Њујорк да го следат нивниот пример.