Вакцината против Ковид-19 во Македонија нема да биде задолжителна
Оксфордската вакцина против Ковид-19 што ќе дојде во земјава со посредство на Полска, нема да биде задолжителна а најнапред ќе ја примат ризичните групи од населението, како хронично болните и возрасните тврди за „Слободен печат” директорот на Центарот за јавно здравје Скопје и член на Комисијата за заразни болести, професор доктор Александар Стојанов.
– Не може вакцината против Ковид да биде задолжителна. Има задолжителни вакцини по календар, за лица до 18 години, но понатаму другите што се примаат како на пример за тифус, грип, жолта треска, не се. Никого не можеме да го натераме да ја прими. Идејата беше вакцинацијата да се одвива на секои шест месеци, но уште ова не е официјализирано, бидејќи не знаеме колку време ќе штити. Можам само да кажам, дека како за сите, така и за нас, на колку време ќе се вакцинираат во другите земји, тој модус ќе го следиме и ние. Според препораките на Светската здравствена организација, секоја земја треба да добие дози за 20 проценти од населението, што за наши услови би било околу 400.000 вакцини. Дали ќе дојдат толку, ќе видиме – изјавил Стојанов за Слободен печат.
…