Вакцинирани над две третини од пратениците, имунизацијата на владините претставници по Велигден, паѓа број на новозаразени

– Во спортската сала А1 Арена – Борис Трајковски вчера започна вакцинацијата на пратениците со вакцината „Спутник В“, додека паралено продолжи и вакцинацијата на постарите граѓаните. Министерот за здравство Венко Филипче најави пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април, портенцирајќи дека имунизацијата поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во вчерашното интервју за емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, изјави дека кај пратениците има голем интерес да се вакцинираат и оти очекува работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај.

Според неговите податоци, до 16 часот вчера биле вакцинирани две третини од пратениците, но немаше информации колку уште примиле вакцина до 18 часот.

– Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската вакцина „Спутник В“.

Тој, меѓу другото, истакна дека двајца вработени во собраниските служби починале како последица на Ковид-19 и затоа на службите им била дадена предност за имунизација.

– Очекувам работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање, вели Џафери.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава и дека се останати по 5.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“ и „Фајзер“, како и на „Синофарм“. Тој најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

По Велигден ќе се вакцинираат и владините претставници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини, соопшти вчера Филипче.

– Владините претставници се пријавени на сајтот „Вакцинација.мк“, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура, рече Филипче.

Тој апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцинација и смета дека со кампањата што ќе почне наскоро од Владата ќе се зголеми интересот за вакцинирање.

– Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени и тоа ќе биде начинот на кој ќе го продолжиме процесот на имунизација, изјави Филипче.

Филипче вели дека нема форма на вакцинален пасош, туку има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие, како што вели, се подготвени и веќе од следната недела ќе се издаваат. Засега информациите, додава тој, се дека за влез во Грција освен таа потврда, алтернатива е негативен ПЦР-тест.

Министерот за здравство вчера соопшти и дека епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот последните денови се подобрува, се намалува бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот и на прегледите во ковид-центрите, а како што нагласи, попушта притисокот врз болниците.

Дека се намалува притисокот врз болниците, според Филипче, може да се види и од фактот што сега има хоспитализирани стотина пациенти помалку од онаа што било случај минатата недела. Исто така, појасни тој, има намалување на бројките за 50 до 100 новодијагностицирани случаи изминатите неколку денови.

Вчера беа регистрирани 489 нови случаи на коронавирусот од 2.841 тестирања, починати 33 лица и 905 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 703.569 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 149.710, бројката на оздравени пациенти е 127.139, на починати е 4.628, а бројот на активни случаи изнесува 17.943. Во Скопје има 7968 активни случаи, во Битола 1205, Куманово 1204, Прилеп 892, Охрид  751, Тетово активни 646, Велес 635, Струмица 558. Во другите градови има помалку од 500 активни случаи.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 1581 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 942 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во се лекуваат 639 лица.

Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 263 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 132 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 146 пациенти.

Голем дел од пациентите во главниот град како што, истакнуваат од Министерство за здравство, се на кислородна поддршка.

Во ковид центрите во Скопје има околу 110 слободни места.

Статистичките податоци објавени од Министерството за здравство покажуват дека во Битола се хоспитализирани 131 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19, Струмица 116 пациенти, во Велес се лекуваат 98 болни, а во Куманово 97, во Прилеп 91, во Штип 87 пациенти. Во другите градови има помалку хоспитализирани.

Во однос на забраната за движење, од МВР информираат дека неа ја прекршиле 24 лица. За неносење маска, регистрирани биле 470 прекршоци.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата и заеднички да придонесеме за спречување на ширењето на Ковид 19.

Back to top button
Close