Валентин Ракип по две децении стана видлив за државата

„Изводот е еден лист, но е најдрагоценото нешто во моментов за мене. Се надевам дека преку мојот случај ќе им олеснам на многу други луѓе да ја завршаат ова борба“, вели овој млад човек.

По 20 години живот во сенка, „невидливиот“ 20-годишник Валентин Ракип доби датум на раѓање и конечно стана видлив за институциите. Со здружени сили на повеќе меѓународни и домашни организации тој ја извојува најважната битка во неговиот живот. Додека многумина сонуваат за лет на Месечината, Ракип две децении се бореше да добие матичен број и документи за да ги оствари своите соништа – да работи и заработува како готвач.

„Успеавме! Валентин Ракип е македонски државјанин! Со извод, со матичен број, со државјанство! Бездржавјанството е засекогаш зад него“, ова е веста којашто ја соопшти вчера УНХЦР-Скопје, коешто заедно со Македонско здружение на млади правници, со години вршат бесплатно правно застапување и го водат случајот на Валентин пред македонските институции.

„Системот препозна дека постојам“

Валентин Ракип за Дојче веле вели дека е пресреќен што конечно и системот препозна дека постои. „Не можете ни да замислите каква е таа борба постојано да докажуваш дека и ти си тука и дека треба да ги имаш истите можности како другите луѓе“, вели Ракип. Тој денеска имам документи и платена обука преку социјалното менторство, со што се надева дека наскоро ќе добие и вработување и конечно ќе си го среди животот.

Случајот со години е во фокусот на медиумите, особено по средбата на продавачите на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ со претседателот Стево Пендаровски во 2020 година. Меѓу нив беше и Валентин Ракип, момчето без матичен број. „Секогаш кога некој за мене ќе рече дека сум дете фантом, не се чувствувам убаво. Тоа за мене е исто како да не постојам“, рече Валентин на средбата и побара од државата подеднакво да се грижи за сите свои граѓани, без разлика во какви околности се родиле и во какви околности растеле. Две години потоа, Ракип повеќе не е дете „фантом“.

Менторство 

Магдалена Чадиноска Кузманоски – социјален ментор во ,,Паблик“, за ДВ вели дека Валентин е вклучен во програмата за социјално менторство за работна интеграција и покрај тоа што знаеле дека нема документи и дека ќе биде тежок патот до формално вработување.

„И покрај обесхрабрувањето од институциите јас како негов социјален ментор никогаш не помислив да се откажам од него. Напротив, ноншалантноста на системот за вакви битни прашања додатно ме мотивираше и ме поттикна работата да ја истуркаме до крај. Стапив во контакт со Здружение на млади правници, кои му ја даваа правната поддршка на Валентин и со заедничка соработка успеавме во намерата“, вели таа.

Денес Валентин има матичен број и извод, во сабота има закажано сликање за лична карта, па ќе следат и сите останати документи. Преку програмата на социјално менторство му е обезбедена и платена обука во сендвичара, затоа што сонот на Валентин беше да стане готвач. „Откако ќе ги имаме сите потребни документи, се надевам на формално вработување. Конечно Валентин ќе ги има сите привилегии кои ги заслужува и ќе ужива и напредува во животот“, вели неговата менторка.

Не е само Ракип 

Но, не е само Валентин и неговите браќа и сестри кои чекаат на ред да добијат признавање на идентитетот и државјанство. Во Северна Македонија има најмалку 700 лица со слична судбина, кои немаат пристап до речиси ниедно нивно право.„Остануваме еднакво посветени да го решиме секој еден случај на лицата без државјанство и сме сè поуверени дека бездржавјанството тука може да се искорени системски и пред рокот кој глобално го зацртавме за 2024 година. Бездржавјанството бара системско решение со цел никогаш да не може да се повтори откако ќе се искорени. За тоа, потребна е волја, силна решителност и меѓуинституционална соработка. На тој начин, неговото искоренување е можно“, порачуваат од УНХЦР.

деца фантоми
Не е само Валентин и неговите браќа и сестри кои чекаат на ред да добијат признавање на идентитетот и државјанство. Во Северна Македонија има најмалку 700 лица со слична судбинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Varley

Еден од потешките случаи 

Случајот на Валентин и неговите браќа и сестри, е еден од потешките случаи за утврдување на правен идентитет со кои што се соочиле од Македонско здружение на млади правници. Правната битка за докажување на неговиот идентитет најпрво, а потоа и на неговото државјанство започнува со неговото раѓање во 2002 година, а заврши во септември – по точно две децении.

Ракип е роден во Македонија, од татко македонски државјанин и мајка со српско државјанство. Постапката за упис во матична книга на родените траела повеќе години, пред се поради тоа што децата биле напуштени од мајката, а таткото починал пред да успее да ги признае татковството за децата, освен за едно дете, сестрата на Валентин.

„Конечно, во 2017 година, 15 години од неговото раѓање, со огромни заложби од страна на неговите роднини успеавме да ги запишеме Валентин и неговите браќа и сестри во матична книга на родените и на 15 години за прв пат да добие извод како потврда на неговиот идентитет. Но, остана проблемот со утврдување на државјанството. Тој беше странец во сопствената земја. Се обидовме да започнеме постапка за прием во српско државјанство, но и таму наидовме на административни пречки“, укажуваат од Македонско здружение на млади правници.

Поради тоа, МЗМП започнале да водат напоредно две постапки: за регулирање на престој како странски државјанин и напоредно, ангажирале адвокат кој водел судска постапка за докажување на неговото татковство, врз основа на кое ќе се утврди и неговото државјанство. Во моментот е во тек постапка за Ракип да добие македонска лична карта. По добивањето на личната карта, тој конечно ќе добие можност да се вработи, да добие здравствено осигурување и да добие македонски пасош и да патува надвор од земјата.

„Посакувам и моите браќа и сестри, како и сите останати граѓани што се борат да докажат дека постојат, што побрзо да добијат документи. Изводот е еден лист, но е најдрагоценото нешто во моментов за мене. Се надевам дека преку мојот случај ќе им олеснам на многу други луѓе да ја завршат ова борба“, вели овој млад човек.

Back to top button
Close