Ванчо Михајлов е рехабилитиран во Бугарија поради Македонија, вели бугарскиот историчар Маринов за „Призма“

Националистички настроени историчари, кои го истражуваа „македонското прашање“ (често самите поврзани со ВМРО и службите), ја лансираа неговата глорификација, која продолжува и до ден денес, вели Маринов во интервјуто

Ванчо Михајлов е рехабилитиран во Бугарија поради Македонија, констатира во интервју за „Призма“ бугарскиот историчар и автор на книгата „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“, Чавдар Маринов.

Интервјуто со Маринов следува откако во неделата во Битола се отвори бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“, на кој присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката Илијана Јотова, и поранешните министри за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Настан за кој во земјава не стивнуваат реакциите.

Маринов во интервјуто зборува декадека за време на социјалистичкиот режим, кога Михајлов живеел во емиграција во Италија, неговиот лик бил третиран на негативен начин: како фашистички соработник, одговорен за убиството на голем број левичари, односно комунистички дејци во Бугарија.

Односот, додава тој, се менува, па одредени кругови, не само во историската наука, но и во тајните служби, дури во централниот апарат на Бугарската комунистичка партија го препознаваат Михајлов како можен сојузник во тогашните историски контроверзии во врска со Македонија.

„Имено, со својата негаторска позиција во однос на македонскиот национален идентитет, Михајлов бил битен залог во борбата против таканаречената ’скопска пропаганда’“,вели Маринов.

Во интервјуто за „Призма“, историчарот времето на рехабилитација на контроверзниот историски лик Михајлов го лоцира во 1989 година кога „авторитарен новинар што бил соработник со службите за безбедност направил интервју со Михајлов во Рим, кусо време пред неговата смрт во 1990 година“.

Партијата на Каракачанов, за која смета дека е „создадена од службите“, тогаш ВМРО-СМД, а денес ВМРО-БНД, веднаш го „востоличи за национален херој“. Во глорификацијата на Михајлов се вклучуваат и историчарите.

„Националистички настроени историчари, кои го истражуваа ’македонското прашање‘ (често самите поврзани со ВМРО и службите), ја лансираа неговата глорификација, која продолжува и до ден денес“,вели Маринов во интервјуто.

Во однос на Втората светска војна, првично бугарската историографија не зборува за окупацијата на делови на Југославија и на Грција, туку акцентот се става врз „отечествено-фронтовската“ фаза на војната – т.е. врз периодот од септември 1944 година наваму, кога Бугарија се вклучува во војната против делови од германската армија, кои се повлекуваат од Балканот.

Наративот се менува кон крајот на режимот, односно владеењето на Живков на одредени начини се прикажува како ослободување, и тоа не само во историографијата, туку и во литературата и во киното.

„Доминантната идеја е дека за време на Втората светска војна, Македонците сè уште имале бугарска свест, дека македонските партизани биле сосема малку и биле лица со ’сомнително‘ потекло (се зборува за Власи, „србомани“) и дека македонскиот национализам бил наметнат од Титова Југославија по 1944 година“,вели Маринов.

Наспроти овој некритички третман на улогата на Бугарија во војната, се разбира, постојат и сериозни истражувачи на периодот, но тие се малку и не се дел од историографскиот „мејнстрим“.

„Тоа се однесува особено за прашањето за улогата на Бугарија во депортацијата, односно уништувањето на месното еврејско население – тема на која постојат битни и храбри истражувања“,вели историчарот за „Призма“.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.

Back to top button
Close