Вандали го оштетиле новиот шестосед на Попова Шапка

Во пресрет на зимската туристичка сезона, непознати лица ја оштетиле жичарницата на Попова Шапка. Првиот човек на општина Тетово Биљал Касами вели дека тоа е направено тенденциозно, со цел туристичката сезона да започне со проблеми, најавувајќи одговорност за сторителите, јавува „Алсат“.

Жичницата со шест седишта, по неколкугодишно одложување, беше пуштена во употреба лани.

„Имаме информации дека некој таму работи и прави субверзија за да спречи почеток на туристичката сезона или пропаѓање на сезоната. Имаме информации и брзо ќе се постапи по нив“, рече Касами.

Касами рече дека поранешниот директор на Попова Шапка, кадар од ДУИ, го оставил ова туристичко место без работници, поради наводна приватизација, формирајќи друга компанија. Касами рече дека локалната самоуправа ги презела сите мерки за добра туристичка сезона.

 

„Како локална самоуправа извршивме повеќе активности како асфалтирање на патот до викенд-куќите, пробивање на нов пат во кружниот тек кој се надеваме дека ќе биде во функција оваа сезона и изработка на урбанистички план што оваа сезона ќе биде во јавна расправа за донесување на новите инвеститори, автобуската линија во зимската сезона и со сите овие наши заложби што ги преземаме за Попова Шапка во служба на туристите“, додаде Касами.

Back to top button
Close