Вандали повторно оштетиле и уништиле реквизити во детското игралиште во Дебар

Се уште непознати сторители оштетиле и искршиле дел од реквизитите, клупите за седење и корпите за отпадоци, во детското игралиште во Дебар, кое е во непосредна близина на детската градинка „Брешија“ и деветолетката „Пенестија“.

Ова е втор ваков вандалски чин во игралиштето,  по оној од октомври 2023 година, по што локалната власт ги санираше последиците.

-Го осудуваме овој вандалски чин и апелираме за поголема совесност и заштита на општествената сопственост. Игралиштето за нашите деца беше изградено од буџетот на општина Дебар и беше еден од објектите што му недостигаа на нашиот град, изјави за МИА градоначалникот Хекуран Дука.

Додаде дека случајот е пријавен до надлежните органи за преземање мерки и се „надеваат дека ќе бидат откриени сторителите на овој чин, кој е за секаква осуда“.

Ова е прво и единствено вакво детско катче во градот, кое секојдневно е полно со деца, а посебно нивниот број е голем во летните месеци кога присуството на печалбарите е масовно.

-Одржувањето и грижата за детското игралиште како и сите спортски терени во нашиот град, е должност на општинските служби, но и обврска на граѓаните. Затоа апелирам заедничкиот имот да се одржува чист и неоштетен, со цел што подолго да биде на наша услуга, апелира Дука.

Игралиштето беше изградено и дадено во употреба во 2021 година, за што општината потроши сопствени средства во износ од пет милиони денари.

Back to top button
Close