Ванковска ја критикува Сиљановска: Во однос на меѓународниот криминал, се надевам не мисли на „мирот“ во Газа и Иран
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера од претседателот на САД, Доналд Трамп, прими честитка по повод 34-годишнината од Денот на независноста на Македонија-8 Септември. Честитката и ја врачи американската амбасадорка Анџела Агелер во претседателската „Вила Билјана“ во Охрид. Ваквиот потег го коментираше професорката и поранешна кандидатка за претседателка, Билјана Ванковска. Таа ја критикуваше објавата на шефицата на државата.
Според неа, „на честитката да ѝ придодадеш вакво значење и уште да зборуваш за мир и борба против меѓународен криминал е во најмала рака смешно (а и тажно)“.
-Токму денес Трамп го преименуваше департментот за одбрана во Департмент за војна! Во однос на меѓународниот криминал, се надевам Силјановска не мисли на она одвратно кршење на меѓународното право во водите на Венецуела кога “мртви ладни” уништија брод. Да не зборувам за “мирот” во Газа и Иран. Јад ни претседателката ни владата (вазалска) не можам да ги разберам, порача Ванковска.
„Искрена благодарност до претседателот на САД и американскиот народ за честитките по повод 34-годишнината од Денот на независноста. Пораките на признание, разбирање и поддршка, содржани во честиткатата, којашто ми ја предаде амбасадорката Анџела Агелер, за нас се не само потврда на цврстото американско-македонското пријателство и стратешко партнерство, толку потребни во време на обиди за ставање крај на воените конфликти, справување со меѓународниот криминал и гарантирање траен мир и безбедност, туку и причина за нивно унапредување“, напиша Сиљановска на Фејсбук.
Во писмената честитка до Сиљановска, американскиот претседател, меѓу другото, го посочува партнерството меѓу САД и Македонија во изминатите 30 години кое, како што наведува, продолжува да се зајакнува и проширува, со желба за негово унапредување во годината што претстои.