Варади за МИА: „Виз Ер“ ја проширува базата во Скопје, за три недели пристигнува уште еден, шести авион
За околу три недели во базата на „Виз Ер“ во Скопје ќе пристигне уште еден, шести авион. Исто така, компанијата ја менува, односно осовремененува флотата со авиони со понова технологија и со поголеми авиони, со повеќе седишта, вели извршниот директор на Визер Јозеф Варади во интервју за МИА.

Тој нагласува дека и покрај сите предизвици со кои се соочуваат сите авио компании, тие остануваат посветени на проширување на мрежата, на зголемување на бројот на летови на постојните дестинации, но и на задржување на ниските цени на услугите што ги нудат, за да бидат подостапни за граѓаните.
Варади вели дека флотата од авиони со 180 седишта ќе стане флота од авиони со 239 седишта, и тоа, како што нагласува, ќе биде од големо значење, бидејќи „Скопје ќе ја добие најдобрата и најсовремената технологија што и е достапна на компанијата“. Авионот А321 нео, со кој работи „Виз Ер“, нагласува Варади, во моментот е најдобриот авион во светот и најбараниот авион од страна на авиокомпаниите. „Виз Ер“ го има тој авион, вели тој, а и Скопје ќе има можност да го користи.
Варади истакнува дека компанијата има добри резултати во земјава. Смета дека повеќето од рутите што ги опслужуваат се релевантни за потребите на потрошувачите и нагласува дека се обидуваат да разберат каде сакаат луѓето да патуваат. Во основа, како што потенцира, разгледуваат три сегменти.
-Секако, со оглед на историјата на земјата, имате многу дијаспора. Македонците кои живеат во странство сакаат да се поврзат со татковината. Второ, Македонија станува сè порелевантна за туристички цели, за патниците. Значи, сакаме да се осигураме дека ќе создадеме инфраструктура, врска, поврзаност за зголемување на туризмот, тука во Македонија. И трето, како што расте средната класа, луѓето имаат повеќе пари за трошење и сакаат да поминуваат време на семејни одмори, да посетуваат градови итн. Значи, се обидуваме да обезбедиме инфраструктура и за тие цели, вели Варади.
Целта, додава, им е да продолжат да го раздвижуваат пазарот со нови можности и нови линии, но и да се осигураат дека постојните линии имаат почести летови, повеќе седишта.
За „Виз Ер“ најголемиот предизвик оваа година, и до одредена мера и следната година, е процесот на закрепнување по ситуацијата со моторите на нивните авиони, откако еден мотор кој го користат авионите на компанијата бил повлечен од произведувачот за проверка и промена на одредени делови. Ова вели, резултирало со тоа околу 20-25 проценти од флотата да биде приземјен. Според него, таа ситуација постепено се надминува, па сè помалку авиони се приземјени, но ова, потенцира, сè уште има големо влијание.
-Овој процес бара многу напори и внимание од компанијата. Но, истовремено, мислам дека сега, со новите испораки на авиони од „Ербас“, повторно растеме и тоа значително. Ако ги погледнете бројките за оваа година, превезуваме 72 милиони патници на ниво на целата компанија. Следната година очекуваме да превезуваме повеќе од 80 милиони патници. Па така, во следните неколку години, секоја година да додаваме околу 10 или повеќе милиони патници, вели Варади.
И компанијата со која раководи, но и сите европски авиокомпании, како што нагласува, се погодени од инфлацијата. Но, потенцира тој, разликата е што повеќето авиокомпании едноставно ги зголемуваат цените на услугите, а „Виз Ер“ не.
-Имаат поголеми трошоци, па ги зголемуваат цените. Ние тоа не го правиме. Она што го правиме е да се обидеме да ги ублажиме овие предизвици со создавање поголема ефикасност во системот, како на пример со примена на нова технологија, обновување на авионите, што на некој начин ја подобрува економичноста на работењето на авионите и може да го надомести притисокот од инфлацијата. Затоа не очекуваме зголемување на цените. Се обидуваме да го задржиме нивото на цените колку што можеме, вели Варади во интервјуто.
Во продолжение интервјуто во целост со извршниот директор на „Виз Ер“ Јозеф Варади:
За кратко време повторно сте во посета на Скопје. Која е целта на вашата посета овој пат?
– Секоја година ги посетуваме нашите оперативни бази за да се сретнеме со нашите луѓе, со медиумите, со нашите деловни партнери, како што се аеродромите. И за многу кратко време, некако сте во тек со она што се случува. Значи, ова е редовна посета на нашите бази. Ова е дел од поголема обиколка на базите. Одиме во голем број оперативни бази каде што поминуваме неколку часа разговарајќи со чинителите, што е многу важно, со нашите вработени. Во компанијата одржуваме култура на дијалог, директни разговори помеѓу менаџментот и луѓето на терен, за навистина да разбереме што се случува тука, какви проблеми или можности имаме, како се поврзуваме со пазарот, како се поврзуваме со клиентите, како се поврзуваме со деловните партнери. Бидејќи, знаете, кога седите во канцеларија многу брзо губите контакт со реалноста. Значи, ова е многу важно.
За време на вашата последна посета на Македонија објавивте дека годинава ќе го додадете шестиот авион во базата во Скопје. Дали има некои конкретни активности? Знаеме ли кога ќе се случи тоа?
– Да. Во основа, за околу три недели од сега, ќе имаме уште еден авион што ќе пристигне во флотата во Скопје. Тоа ќе биде нашиот шести авион во Скопје. Но, не е само тоа. Од сега па натаму, ја менуваме флотата овде. Односно, ја надградуваме флотата со авиони со понова технологија и со поголеми авиони. Значи, флотата од авиони со 180 седишта ќе стане флота од авиони со 239 седишта, што мислам дека е одлично, затоа што Скопје ќе ја добие најдобрата и најсовремената технологија што ни е достапна. Авионот А321 нео, со кој ние работиме во моментов е најдобриот авион во светот. Тоа е најбараниот авион од страна на авиокомпаниите. Ние го имаме тој авион, а сега и Скопје ќе има можност да го користи тој авион.
Следниот месец ќе биде обновена линијата од Скопје до Прага, а исто така објавено беше дека ќе има и летови до Келн и Бари. Какви се вашите очекувања за сообраќајот од овие дестинации и која е вашата цел во однос на бројот на патници оваа година?
– Ќе достигнеме бројка од повеќе од два милиони патници во 2025 година, а ќе имаме голем скок следната годинa поради новите авиони што доаѓаат и поради зголемувањето на бројот на седишта од 180 на 239. Мислам дека 2026 година ќе биде значајна година и за Скопје, за Виз Ер, поради самиот капацитет што го носиме на пазарот. Имаме добри резултати овде во земјава. Мислам дека повеќето од рутите што ги опслужуваме се релевантни за потребите на потрошувачите и се обидуваме да разбереме каде сакаат луѓето да патуваат. Во основа, разгледуваме три сегменти. Секако, со оглед на историјата на земјата, имате многу дијаспора. Македонците кои живеат во странство сакаат да се поврзат со татковината. Второ, Македонија станува сè порелевантна за туристички цели, за патниците. Значи, сакаме да се осигураме дека ќе создадеме инфраструктура, врска, поврзаност за зголемување на туризмот, тука во Македонија. И трето, како што расте средната класа, луѓето имаат повеќе пари за трошење и сакаат да поминуваат време на семејни одмори, да посетуваат градови итн. Значи, се обидуваме да обезбедиме инфраструктура и за тие цели.
Може ли да очекуваме нови линии во блиска иднина?
– Секогаш носиме нови линии. Целта ни е да продолжиме да го раздвижиме пазарот со нови можности и нови линии. Но и да се осигураме дека постојните линии имаат почести летови, повеќе седишта. Секогаш работиме на комбинација од продлабочување и згуснување на веќе постојната мрежа и проширување на мрежата
Виз Ер добива владини субвенции од 2012 година. Како би го оцениле сегашниот модел за субвенции и што мислите би требало да се промени за понатамошен развој на авио-сообраќајот во земјата?
– Да не заборавиме како е поставен системот овде во Скопје. Имате аеродромски оператор кој всушност не е евтин и е многу скап. ТАВ наплаќа прилично високи давачки. Владините субвенции помагаат да ги надоместиме тие високи давачки. И владините субвенции се само за одреден период. Така што Владата го дели ризикот со авиокомпанијата, со нас, при воведувањето на нови капацитети и нови линии. Но, по некое време таа субвенција постепено завршува, и ние сме сами и ги плаќаме високите давачки на ТАВ. Тогаш разгледуваме следен сет на нови линии, и повторно добиваме субвенции за одреден временски период, додека таа поддршка не заврши. Би рекол дека ова е на некој начин создавање мрежа, поврзување на земјата. И во почетната фаза, кога авиокомпаниите обично губат пари, во фазата на инвестирање, авиокомпанијата и Владата го делат ризикот од таа инвестиција.
Кој беше најголемиот предизвик за Виз Ер оваа година? И што ќе биде клучно следната година за профитабилност и конкурентност?
– Најголемиот предизвик оваа година, и до одредена мера и следната година мислам дека е процесот на закрепнување по ситуацијата со моторите на нашите авиони. Како што можеби знаете користиме мотор кој беше повлечен од произведувачот за проверка и промена на одредени делови, што резултираше со тоа значителен дел од нашата флота да биде приземјен, околу 20-25 проценти од флотата беше приземјена. Сега тоа постепено се надминува, па сè помалку авиони се приземјени, но ова сè уште има големо влијание. Овој процес бара многу напори и внимание од компанијата. Но истовремено, мислам дека сега, со новите испораки на авиони од „Ербас“ повторно растеме и тоа значително. Ако ги погледнете бројките за оваа година, превезуваме 72 милиони патници на ниво на целата компанија. Следната година очекуваме да превезуваме повеќе од 80 милиони патници. Па така, во следните неколку години, секоја година додаваме околу 10 или повеќе милиони патници. Исто така додаваме уште 30-40 авиони во франшизата и во оперативниот модел. Имаме 250 авиони во флотата, всушност 250-тиот авион пристигнува во петок. Ова е растечки бизнис и целосно сме ангажирани со тие можности за раст, а дел од тие можности се случуваат токму овде, во Скопје, Македонија.
Кои се најголемите предизвици за сите авиокомпании во Европа, и како ќе влијаат на цените за патниците?
– Мислам дека сите европски авиокомпании се погодени од инфлацијата. Инфлацијата доаѓа од инфраструктурата, енергијата и трудот, и тоа врши притисок врз индустријата. Сега, некои авиокомпании, всушност повеќето авиокомпании едноставно ги зголемуваат цените. Имаат поголеми трошоци, па ги зголемуваат цените. Ние тоа не го правиме. Она што го правиме е да се обидеме да ги ублажиме овие предизвици со создавање поголема ефикасност во системот, како на пример со примена на нова технологија, обновување на авионите, што на некој начин ја подобрува економичноста на работењето на авионите и може да го надомести притисокот од инфлацијата. Затоа не очекуваме зголемување на цените. Се обидуваме да го задржиме нивото на цените колку што можеме. Со тоа ќе продолжиме да го стимулираме пазарот и ќе продолжиме да нудиме ниски цени на клиентите. Сакаме да ги охрабриме луѓето да продолжат да летаат и да летаат уште повеќе. Тоа е причината зошто растеме како компанија, а повеќе други авиокомпании во Европа не растат.






