Вархеји е наклонет кон бугарска страна, тврди Димитров

Еврокомесарот по дефиниција ни е најдобар пријател и било каков исчекор треба да е заеднички, но со него немав баш такво искуство, затоа што солираше и поставуваше свои предлози наклонети кон бугарската страна, тврди поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров за еврокомесарот, Оливер Вархеји и според него невообичаено е тоа што еврокомесарот не дал изјава за јавноста и медиумите по денешните средби со македонскиот државен врв во Скопје.

-Важно е официјалните лица што доаѓаат од ЕУ да имаат контакти со јавноста, не само со политичарите. Еврокомесарот по дефиниција ни е најдобар пријател и било каков исчекор треба да е заеднички, но со него немав баш такво искуство, затоа што солираше и поставуваше свои предлози наклонети кон бугарската страна. Реагирав на таквиот однос во повеќе наврати како поединец. Важно е јавноста да знае дека немавме голема помош од неговите напори. Некои дипломати од западните земји-членки на ЕУ мислат дека ќе го решевме ова да не беа паралелните предлози на Вархеји, изјави Димитров во гостување на Сител.

Според него, крајно време е земјава да види кај одиме и како да стигнеме таму.

-По изјавата на Радев, којшто кажа брутално дрско и безобразно дека македонскиот идентитет се темели на фалсификат или е вештачки и по изјавата на Петков дека решението мора да оди во Парламент и мора да има политички консензус во бугарското општество за решението, мислам дека е крајно време ние да видиме каде одиме и како таму да стигнеме. Ние имаме еден екстрем по секоја цена во ЕУ, или другиот екстрем е да ги баталиме ЕУ и да си бараме други партнери, рече поранешниот министер и вицепремиер.

Back to top button
Close