Вархеји: Неопходна е трансформација на медиумското опкружување на Балканот

Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, денеска изјави дека е потребна „позитивна трансформација на медиумското опкружување“ во земјите од балканскиот регион и дека Брисел им придава големо значење на реформите во медиумите во процесот на проширување.

На онлајн конференцијата „Слобода на медиумите на Балканот“, организирана од бугарскиот портал „Еурактив“, Вархеји изјави дека слободата на медиумите, слободата на изразување и медиумскиот плурализам се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, дека тие се важни за слободна, отворена и информирана дебата, и тие претставуваат столбови врз кои се гради секоја демократија.

– Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, истакна Вархеји.

Тој потсети дека во последниот извештај на Европската комисија за евроинтеграции се оценува дека се уште се потребни напори за да се обезбеди независност на медиумите и слобода на изразување низ целиот регион на Западен Балкан.

Вархеји посочи дека е важно да им се овозможи работа на новинарите без мешање, притисок и заплашување, да се обезбеди квалитетно известување, транспарентност во финансирањето на јавните и приватните медиуми и независност на регулаторните тела.

Меглена Кунева, амбасадорка на ЕУ во Советот на Европа и прва еврокомесарка од Бугарија, истакна дека слободата на медиумите не може да се гледа изолирано од другите човекови права, вклучително и слободно изразување, собирање, праведно судење…

– Сите човекови права се подеднакво важни, но слободата на медиумите е посебно право кое ги доведува во ред сите други права. Слободата на медиумите ги брани другите човекови права, рече Кунева.

Директорот на новинската агенција Бета, Радомир Диклиќ оцени дека ситуацијата во Србија во врска со прашањето за слободата на медиумите никогаш не била толку лоша како што е денес и дека секој ден се повеќе се влошува, а Европа, доколку има политичка волја може да помогне повеќе отколку досега.

Диклиќ нагласи дека речиси сите медиуми се контролирани од луѓе блиски до власта, односно владејачката партија, дека сите телевизии со национална фреквенција се под контрола, а единствената независна телевизија Н1 е секојдневно под притисок.

– Резултатот е дека повеќето граѓани немаат вистински информации за тоа што се случува во земјата, регионот, Европа и светот, објасни Диклиќ.

Според него, новинските агенции Бета и Фонет се дискриминирани во однос на Танјуг, кој има финансиски и други видови привилегии.

Антоанета Николова, директорка на Иницијативата за слобода на медиумите на Балканот, изјави дека организацијата испратила писмо до Европската комисија и европските јавни служби во кои изразува „загриженост за сопственоста и уредничката политика на Еуроњуз“ по неговата одлука да влезе во „проблематични партнерства” во Србија и Бугарија.

Павол Салај од Репортери без граници оцени дека новинарството на Балканот е во криза и дека се потребни итни мерки за поддршка на слободата на медиумите.

– ЕУ денес е големо куче, но има мали заби и многу малку гризе. Ние веруваме дека ЕУ, како куче чувар на слободата на медиумите, мора да има силни заби, рече Салај, додавајќи дека ЕУ мора да ја сфати слободата на медиумите како основна слобода која гарантира други слободи.

Back to top button
Close