Васев: Поранешниот директор што го сменив е вештото лице во мојот случај

Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување на пациенти, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје истакна дека против Васев се води „некој вид на заговор“ и дека ќе се спротивстават на доказите на Обвинителството преку основани аргумент, вклучувајќи вештачења и сослушување на докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија, и Маја Радник од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.

Адвокатот на Васев предложи сослушување на овие експерти како вербални докази, откако Судот одби да ги отфрли нивните вештачења како незаконски прибавени.

„Нашата цел е да покажеме дека обвинетиот Никола Васев професионално и законито ги извршувал своите задачи на Клиниката за онкологија. Преку сослушувањето на овие лица ќе се потврди дека одбраната не е насочена кон вознемирување на јавноста, туку кон оценка на работењето на Клиниката, следење на протоколите и правилно извршување на должностите на обвинетиот“, изјави адвокатот.

Васев, кој пред Судот изјави дека не се чувствува виновен, посочи дека вешто лице вклучено во предметот било сменето од неговата позиција како директор во 2017 година. „Првите шест месеци од мојот мандат не се опфатени бидејќи наследив долг од 1,7 милиони евра, а на крајот од годината завршивме со долг од 30 илјади евра. Лицето кое ги направило тие долгови не може да биде вешто лице во мојот случај“, рече Васев.

Тој исто така нагласи дека има 35 години работно искуство, годишно лекувал околу 1.000 пациенти и е член на сите европски институции за изработка на протоколите за кои се обвинува, како и дека има повеќе од десет авторски трудови, вклучувајќи и труд објавен во Ланест за имунотерапија.

Во судницата присутни беа и останатите тројца обвинети – Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите од Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје. Пешевска призна вина, додека Црвенкова и Јакимовски тврдеа дека не се виновни и дека ќе докажат дека се бореле за секој пациент како за себе.

Судијката Снежана Марковска информира дека приговорите на одбраната за вештачењата од Словенија и Србија се одбиваат како неосновани и дека доказите се прибавени согласно законите за меѓународна правна помош.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет (4news)

Back to top button
Close