Вашингтон ги релативизира плановите на Трамп за Појасот Газа

По жестоките меѓународни критики за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со иднината на Појасот Газа, владата во Вашингтон се обидува да ги смири духовите. Министероот за надворешни работи Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит се обидоа да ги ублажат изјавите на Трамп за преселба на два милиони Палестинци и да ја релативизираат можноста за воена интервенција на САД.

Американскиот претседател вчера (5.02), на прес-конференција одржана заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа и ќе го трансформираат во економски просперитетна „Ривиера на Блискиот Исток“.

Тој притоа повтори своја претходна изјава дека околу два милиони луѓе што живеат таму ќе мора да ја напуштат областа. Според Трамп, тие во иднина треба да бидат сместени во други арапски држави во регионот.

„Ова не беше замислено како непријателски потег“, рече Рубио за време на посетата на Гватемала. Тој зборуваше за „многу великодушна понуда“ од претседателот. Рубио објасни дека САД едноставно сакаат да ја направат крајбрежната област повторно погодна за живеење. За тоа време, меѓутоа, Палестинците не можат да живеат таму, изјави Рубио. Преселба на Палестинците од Појасот Газа, меѓу другите, отфрлаат соседите на Израел, Египет и Јордан.

Виткоф: Без американски војници во Газа

Трамп не ја исклучи можноста за воена операција на САД во Појасот Газа и рече дека „ќе биде направено она што е потребно“. За време на изборната кампања Трамп постојано ветуваше дека ќе ги држи вооружените сили настрана од меѓународни конфликти.

Според медиумски извештаи, американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им рекол на членовите на Конгресот дека Трамп не сака да испраќа американски војници во Појасот Газа или да обезбеди средства за обнова.

Изјавите на американскиот претседател за преселбите од Појасот Газа предизвикаа остри критики и на меѓународно ниво и во САД. Според експертите, таквиот потег би го прекршил меѓународното право. Обединетите Нации предупредија од „етничко чистење“.

 

ЕУ и натаму инсистира на решение со две држави

Палестинците и голем број влади во арапскиот свет решително ги отфрлија плановите на Трамп. Европската Унија исто така изрази загриженост за тоа што би можеле да значат плановите на американскиот претседател за мировниот процес во регионот. „ЕУ останува цврсто посветена на решението со две држави, кое веруваме дека е единствениот пат кон долгорочен мир за Израелците и Палестинците“, изјави портпарол на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас. „Појасот Газа е составен дел на идната палестинска држава.“

Дури и меѓу сојузниците на Трамп во САД, беше изразена скепса. „Мислев дека избравме ‘Америка на прво место’“, напиша републиканскиот сенатор Ренд Пол на платформата X. „Не е наше да размислуваме за друга окупација која го уништува нашиот национален буџет и ја пролева крвта на нашите војници“.

 

Бела куќа: Нема американски даночни пари за обнова

Портпаролката на Белата куќа исто така се обиде да ги минимизира последиците од амбициозниот предлог на Трамп. Планот на Трамп „не значи дека американските даночни обврзници ќе ги финансираат овие напори“, рече Левит. „Тоа значи дека Доналд Трамп – најдобриот бизнисмен во светот – ќе склучи соодветни договори со партнерите во регионот“.

Американскиот советник за безбедност Волц во интервју за Си-Би-Ес сугерираше дека планот на Трамп не е „забетониран“ и ги повика сојузниците во регионот да претстават сопствени планови. „Фактот што никој нема реално решение и тој става на маса некои многу смели, свежи, нови идеи, според мене, не треба да се критикува на кој било начин“, рече тој. „Ќе го принуди целиот регион да најде свои решенија доколку не му се допаѓа решението на Трамп“, уверен е Волц.(dw)

Back to top button
Close