„Вашингтон пост“: Руската разузнавачка служба разгледувала лажен атентат врз Орбан за да го зголеми неговиот рејтинг пред изборите

Руската служба за надворешно разузнавање (SVR) наводно разгледувала планови за влијание врз изборите во Унгарија, вклучително и организирање атентат врз премиерот Виктор Орбан, со цел да ја зајакне поддршката за Орбан, покажува интерен документ до кој дошле европските безбедносни служби, пишува денеска „Вашингтон пост“.
Пред парламентарните избори во Унгарија во април, руската единица SVR минатиот месец изрази загриженост поради падот на поддршката за Орбан.
Во интерен извештај на SVR, оперативците предложиле драстични мерки наречени „пресвртница“, вклучително и можноста за „организирање обид за атентат врз Виктор Орбан“ со цел „фундаментално да се промени парадигмата на изборната кампања“, според весникот.
Како што пишува весникot, таков инцидент би го префрлил фокусот на кампањата од социо-економските прашања на емоционални теми како што се безбедноста на државата и стабилноста на политичкиот систем.
Анкетите покажуваат дека Орбан заостанува зад лидерот на опозициската Тиса, Петер Маѓар, поранешен член на неговата партија Фидес.
Според европски безбедносни извори, руската поддршка за Орбан вклучува и кампањи на социјалните медиуми кои го претставуваат како единствен заштитник на суверенитетот на Унгарија. Одредени наративи циркулираа преку руски дипломати во Будимпешта, кои, како што е наведено, соработуваа со провладини медиуми.
Документот на SVR, исто така, предлага стратегија Орбан да ја претстави својата влада како гарант на мирот и стабилноста, додека неговиот противник би бил прикажан како „марионета на Брисел“, наведува Вашингтон пост.
Во исто време, постојат индикации дека руски оперативци учествувале во кампањи за дискредитирање на кандидатите на опозицијата, вклучително и ширење дезинформации и манипулирана содржина.
Златко Шумковски






