„Васко Карангелески“ соголена додека суспензијата на урбанистичкиот план околу улицата чека да дојде на дневен ред
Град Скопје нема време за чекање и наспроти барањата на жителите од Аеродром кои живеат околу улицата Васко Карангелески ги дислоцираше дрвјата околу улицата, која наскоро ќе стане булевар.
Две машини денеска цел ден ги вадеа преостанатите дрвја од страната спроти ОУ„ Љубен Лапе“ за да се исчисти просторот за да може да се прошири улицата. Извадените дрвја беа пресадувани во паркови околу улицата.
Дрвјата беа извадени, иако вчера предлогот на Зелен хуман град за дополнување на дневниот ред на седницата на Советот на Општина Аеродром со заклучокот за суспензија на урбанистичкиот план околу улицата Васко Карангелески не беше прифатен.
Ова беше поднесено заедно со локалните жители поради градење на булевар до основно училиште, уништување на зеленило и креирање на небезбедна околина за децата и жителите на домот за стари лица на таа улица.
За граѓаните не е прифатливо проширување на улицата на четири ленти до Основното училиште „Љубен Лапе“ каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени. Освен училиштето, во близина е и градинка во која преку улицата се носат деца, па нема потреба улицата да се претвора во булевар.
Тимчо Муцунски и Данела Арсовска ветуваа зголемување на зеленилото во Аеродром и Скопје, а делата покажуваат сосема спротивна состојба на терен. Иако ветуваа нешто друго, на улицата Васко Карангелески повторно се сечат високостеблести зелени дрвја.
-Пред локалните избори и Муцунски и Арсовска, но и ВМРО-ДПМНЕ и Левица ветуваа дека ќе се спротивставуваат на секоја сеча на дрва во градот и општината. Ветуваа дека ако треба и со жив штит ќе ги бранат дрвјата на улица Васко Карангелески. Вистина е дека се пресадуваат, но овие дрва беа високи и разгранети, сега се искастрени и прашање е дали ќе преживеат. Од друга страна, безбедноста нема цена. Иако на булеварот Васко Карангелески кон хотел „Русија“ има лежечки полицајци пред ОУ „ Ѓорѓија Пулески“ пак се вози брзо, па исто ќе биде овде, велат жителите на Аеродром.
преземено од 24инфо.мк