Васко Ковачевски вели дека ЕСМ ќе работи за поскапувањето на струјата од Нова година да биде минимално


Со оглед на тоа што имаме зголемени трошоци на производство и зголемени цени на енергенси, имаме дополнителни количини на електрична енергија што треба да ги произведеме, дел можеби треба да се набават, моја претпоставка е дека очекувано е да има зголемување на цената на електрична енергија, но сега ги правиме сите напори за тоа да биде мало, минимално или благо покачување – рече директорот на Електрани во гостувањето во „360 степени“
Цената на струјата ќе биде зголемена од Нова година, но во моментот се прават сите напори за евентуалното покачување да биде благо, рече генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Не го кажувам само јас тоа, тоа го кажуваат сите во Европа. Цените на електричната енергија ги формираат цените на енергенсите. Со оглед на тоа што имаме зголемени трошоци на производство и зголемени цени на енергенси, имаме дополнителни количини на електрична енергија што треба да ги произведеме, дел можеби треба да се набават, моја претпоставка е дека очекувано е да има зголемување на цената на електрична енергија, но сега ги правиме сите напори за тоа да биде мало, минимално или благо покачување. И еден денар да биде, покачување е. И десет денари е покачување и сто денари е покачување“,изјави Ковачевски.

Од гостувањето на директорот на ЕСМ во „360 степени“

Ковачевски вели дека во наредниот период ЕСМ ќе се фокусира на зголемување на домашното производство за да се добие пониска производна цена. Дополнително, вели дека треба да се намалат трошоците, па затоа ЕСМ во период од јануари до август намалиле 55 милиони евра од продуктивни и непродуктивни трошоци. Прашан зошто воопшто постоеле 55 милиони евра непродуктивни трошоци, Ковачевски одговори:

„Ние сме имале планови што требало да се спроведат годинава, но сме ги одложиле за следната година. Денеска не треба да се прават патишта, управна зграда, санација за нешто што ќе биде за десет години. Денеска работиме за оваа година затоа што денеска имаме енергетска криза. Не можеме денес да работиме на проекти што ќе носат резултати за десет години, иако ние не сме застанале за проектите за инвестиција“.

Back to top button
Close