Важно е да се испорачаат преостанатите обврски – порача Кос по средбата со Муцунски во Брисел
Важно е да се испорачаат преостанатите обврски и земјата да продолжи напред во процесот на пристапување во Европската Унија – порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Во објава на социјалните мрежи, меѓудругото, Кос вели дека заедно со Муцунски имале отворен разговор во однос на следните чекори кон европскиот пат на земјата, која како што кажа таа силно го поддржува, како и за Планот за раст. Дополнително, го поздрави целосната усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Европската унија, како и помошта која земјава ја дава на Украина.
Министерот Муцунски пак, во интервју за „Политико“ рече оти во моментот, Македонија не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската унија, дека тоа ќе биде последно барање на Софија.
Open discussion with @TimcoMucunski today on the next steps on 🇲🇰’s EU accession path which I strongly support, and Growth Plan reforms.
Important to deliver on remaining requirements, and move forward with EU accession.
I welcomed 🇲🇰’s full CSFP alignment & contribution to 🇺🇦! pic.twitter.com/aV92xyh4re
— Marta Kos (@MartaKosEU) August 26, 2025
„Нашиот став е: Ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако Бугарија за шест месеци повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот“ рече Муцунски.
Вчера, по средбата на Кос и Муцунски во Брисел, во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се наведува дека на состанокот се разговарало за повеќе теми, но не се спомнува дека се разговарало и за обврските кои земјава ги има за продолжување на преговорите со Европската унија.