„Вчера ја преминавме границата сосема легално со мојот адвокат од Македонија“, рече Ива Михаилова

Ива Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство и против која се води судска постапка по тешката сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, пристигна во Бугарија каде што треба да добие лекарска помош во болницата „Пирогов“. Таа и нејзиниот адвокат Николај Димитров изјавија дека одлуката за заминување била донесена поради влошената здравствена состојба на младата жена.
Пред новинарите во Бугарија, Михаилова рече дека границата ја преминала со својот адвокат и дека засега не знае колку долго ќе остане во Бугарија.
„Вчера ја преминавме границата сосема легално со мојот адвокат од Македонија. Треба да се лекувам во болницата „Пирогов“ и да видам што понатаму. Бев под притисок поради моето бугарско потекло и не се чувствував добро. Не знам колку долго ќе останам во Бугарија, ќе проценам дали да се вратам. Среќна сум што сум овде и се чувствувам безбедно“, изјави Михајлова.
Таа додаде дека во изминатиот период се соочувала со здравствени проблеми и изрази надеж дека понатамошниот развој на настаните ќе биде позитивен.
Нејзиниот адвокат Николај Димитров објасни дека Михаилова го контактирала откако нејзината состојба се влошила, по што заедно одлучиле да заминат во Бугарија за да биде прегледана.
„Вчера Ива ме контактираше и ми кажа дека не се чувствува добро. Одлучивме заедно да се обидеме да ја донесеме во Бугарија за да биде прегледана овде. Лекарите ќе направат преглед и ќе утврдат каква е нејзината состојба. Таа мора да се грижи за своето здравје. Веќе не можеме да чекаме“, изјави Димитров.
Според адвокатот, тие ја преминале границата преку официјален граничен премин, а македонските гранични службеници знаеле за кого станува збор.
„Ги извадивме документите и поминавме. Луѓето од македонска страна беа целосно свесни дека станува збор за Ива Михајлова. Никој ништо не ни рече. Разговаравме и заминавме“, рече тој.
Димитров се осврна и на прашањето дали бугарското Министерство за надворешни работи било однапред известено за нејзиното заминување. Тој оцени дека институциите не морале да бидат запознаени со нивниот план, додавајќи дека одлуката била донесена поради потребата Михајлова да добие соодветна медицинска помош.
„Нема поголема последица од тоа таа да остане без соодветен третман, понижена, со две патроли и незаконски упади во нејзиниот дом, само затоа што се изјаснува како Бугарка“, изјави адвокатот.
Михајлова тврди дека во периодот што го поминала во Македонија била изложена на притисок и дискриминација поради своето потекло.
„Бев изложена на екстремна дискриминација од страна на македонската држава поради моето бугарско потекло и самосвест“, рече таа.
Таа изрази и незадоволство од текот на судската постапка што се води против неа. Според нејзините тврдења, во постапката биле земени предвид изјави на луѓе кои зборувале неразумно, и покрај сведочењата во нејзина корист. Михаилова се надева дека случајот ќе заврши поволно, но рече дека не знае што ја очекува.
Според Димитров, таа ќе остане во Бугарија сè додека лекарите сметаат дека е потребно и додека не се почувствува сигурна дека по евентуалното враќање во Македонија нема да биде изложена на притисок поради своето бугарско потекло.
Михаилова беше тешко повредена во челниот судир што се случи во октомври 2025 година во близина на Кочани. Во несреќата загина маж од другото возило, додека таа се здоби со тешки повреди на ’рбетот.
Михаилова тврди дека возилото од спротивната страна навлегло во нејзината лента додека се обидувало да заобиколи запрено полициско возило. Обвинителството, сепак, застапува поинаква верзија и поднесе обвинение, кое одбраната го оспорува со независно вештачење.
По несреќата, според доставениот текст, ѝ биле одземени бугарските и македонските документи, а судските органи ѝ забраниле да ја напушти земјата. Со месеци, таа добивала одбивања за заминување на специјализирано лекување во Бугарија, и покрај влошената здравствена состојба, невролошките компликации и силните болки. Случајот предизвика протести и реакции од бугарските институции.
Дополнителна тензија предизвика и случајот со нејзиниот татко, Симеон Михаилов, за кого Македонија бараше издржување казна затвор од 12 и пол години. Тој ги отфрли обвиненијата и тврдеше дека прогонот на неговото семејство е политички мотивиран.
На 12 октомври беше објавено дека Ива Михаилова веќе се наоѓа во Бугарија и дека ќе биде лекувана во болницата „Пирогов“. Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев најави дека се утврдува кога и како таа ја преминала границата и дека, доколку биде потребно, ќе ѝ биде обезбедена заштита. Судската постапка против неа во Македонија продолжува.
Извор: skopje1.mk






