Вдовицата на Алексеј Навални отвора телевизија за слобода на медиумите во Русија

Вдовицата на најпознатиот руски опозиционер Алексеј Навални, Јулија Навални, ќе започне телевизиска програма од Париз, заедно со невладината организација „Репортери без граници“ (RSF), посветена на сеќавањето на нејзиниот сопруг и на „слободата на изразување во Русија“, објавија Репортери без граници.

Телевизијата наречена „Иднината на Русија“ ќе се емитува преку сателитскиот пакет Свобода, кој ја покрива речиси целата руска територија, а ќе биде лансирана на 4 јуни, роденденот на Алексеј Навални, кој на тој ден ќе наполнеше 49 години, објавија француските медиуми.

Јулија Навални ја презеде улогата на својот сопруг, критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој почина под необјаснети околности во февруари 2024 година во изолирана казнена колонија надвор од Арктичкиот круг, каде што отслужуваше 19-годишна казна за „екстремизам“.

Проектот „Свобода“ го управуваат Репортери без граници (RSF), може да се види на веб-страницата на организацијата.

Овие сателити се наменети да доставуваат сигурни информации до населението во областите погодени од дезинформации и пропаганда.

Достапен е за 4,5 милиони домаќинства во Руската Федерација и за околу 800.000 на окупираните територии на Украина, соопшти РСФ.

Телевизијата е формирана во текот на минатата година со Леонид Волков, поранешната десна рака на Алексеј Навални, изјави директорот на „Свобода“, Џим Филипов.

-Ќе користиме голем дел од содржината што (блиските соработници на Навални) моментално ја произведуваат за нивните канали YouTube, Popular Politics, Navalnyi Live, Alexei Navalny и други. Исто така, дискутираме за содржина исклучиво за оваа телевизија, но ние самите не произведуваме никаква содржина, рече тој.

„Со оглед на тоа што во Русија нема независни новински медиуми, уште поважно е да постојат алтернативни гледни точки“, додаде Филипов.

Back to top button
Close