Вечерва дезинфекција на улиците и пристапите до гласачките места во Делчево

 Екипи на Територијалната противпожарна единица Делчево вечерва ќе вршат дезинфекција на улиците, тротоарите и пристапите до избирачките места. Оваа активност ќе започне од 19 часот, а е во рамките на мерките кои ги презема Општина Делчево за спречување на појавата и ширењето на коронавирусот на територијата на Општината.

Во насока на сочувување на мирната епидемиолошка слика, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, апелира до сите учесници во изборниот процес и до сите граѓани на денот на гласањето да ги почитуваат препораките од Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата.

-Тоа значи граѓаните дека се должни да носат заштитни маски, да вршат дезинфекција на рацете и да не се групираат, апелираше Трајковски.

Согласно со последните информации од Центарот за јавно здравје, во Делчево нема позитивни случаи на вирусот.

По завршување на изборниот ден, како што додадоа од општината, екипи на ТППЕ Делчево ќе извршат повторна дезинфекција на сите објекти во кои се вршело гласање.

Back to top button
Close