Вечерва се одржува Пичприч на тема „Жени во текст“

— Годинашниот Пичприч, феминистички настан на кој жени раскажуваат приказни во живо, ќе се одржи вечерва со почеток од 19:00 часот. На тема „Жени во текст“, четири писателки од различни земји ќе зборуваат од гледна точка на женски автори и за начинот за кој се пишува за женските ликови.

На настанот ќе учествуваат: Фиона Сампсон, британска поетеса и писателка чии дела се преведени на триесет и осум јазици; Раша Кајат, германска романсиерка, есеистка и преведувачка; Техила Хакими, писателка и поетеса од Израел; и Алиса Ганиева, руска романсиерка и есеистка.

Според организаторките на настанот, раскажувачките ќе зборуваат за тоа како се раслојуваат и вкрстуваат нивните идентитети како писателки и жени и како пристапуваат кон постапката на пишување и читање на текстот и ликовите.

– Дали постои можност за субверзија на литературна традиција во која се канонизирааат мажи, додека на жените им се дава улогата на музи, и кои се начините на (формално или содржинско спротивставување) на патријархатот во книжевноста? – се вели во соопштението.

Настанот ќе се одвива во живо на Фејсбук страницата на Пичприч, а подоцна ќе биде објавен на Јутјуб со превод на македонски јазик.

Пичприч го организираат Румена Бужаровска и Ана Василева во соработка со Тиииит.инк и со поддршка од шведската фондација Квина тил квина.

Back to top button
Close