Вечерва започнува „Велешко културно лето 2020“

 Со концерт на Балетското студио  „Анабела“, Општина Велес вечерва во 20:00 часот во Амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес ќе започне програмата на годинашното „Велешко културно лето 2020“. Концертот е по повод 25 години од успешната работа на „Анабела“.

Програмата ќе продолжи на 1 август во пресрет на празникот Илинден ќе се одржи целовечерен концерт на народна староградска и новокомпонирана музика „Македонски ноти“од групата „Соната“ и групата „Виртуз“.

На 2 август вечерта во Амфитеатарот на  Младинскиот парк ќе има проекција на филмот „Републиката во пламен“ во рамките на филмските вечери.

На 4 август ќе има целовечерен концерт на евергрин поп-рок сцена на која ќе настапат „Тринити бенд“.

На 5 август во Ликовниот салон  ќе има изложба на фотографии „Велес низ старите фотографии“. Програмата ќе продолжи со уште бројни културни настани до 30 август.

За оваа намена Општина Велес во рамките на Програмата за култура и меѓународна соработка за 2020 година предвиди 300 илјади денари сопствени средства.

Од Општина Велес потенцираат дека сите културни настани и активности ќе бидат организирани на отворено, согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на Ковид-19 со носење на задолжителна маска и седење на пропишаното растојание на  учесниците и публиката.

Back to top button
Close