Вековите на Коста Балабанов

Напразно очекував дека ќе се огласат дејци и компетентни личности, соработници и институции кои ќе му се оддолжат, како што е редот во нормалниот свет, на починатиот научник д-р Коста Балабанов кога веќе тоа не се случи додека беше жив, иако ја задолжи Македонија со своите дела и грандиозна работа која одамна ја призна научниот, и не само научниот, свет.

 

 

Освен неколку информации и сувопарни биографски податоци во медиумите и на социјалните мрежи дека на 96 години починал познатиот македонски историчар на уметноста, научник, универзитески професор, конзерватор и сценарист, почесен конзул на Јапонија и функциите што ги имал за време на својот работен век. И толку. И ништо повеќе. Коста со својата скромност, би рекол, поарно е вака,  од кого е доволно е, и толку.

 

 

Во наездата на партиските пропаганди во битките за власт  во кои не остана ништо што е вредно а да не е исплукано, нема  простор за нужна благодарност за големите заслуги по кои татковината ги препознава вистинските луѓе и вредности. За тоа да се постигне ќе треба уште многу време да помине за Македонија да го открие придонесот на луѓето што оставиле зад себе трајни вредности.

До таму е изместена перцепцијата во јавноста што ненормалното стана нормално, па и при смртта заслугите и научните достигнувања се мерат на партискиот кантар на кој натежнува тегот на политичката припадност. Критиката, лагата, воспевањето и глорификацијата на властите станаа единствена мерка за велепредавства на националните интереси, или на патриотизмот, посилни од научните достигнувања. Со тоа се соочи и Коста Балабанов, кој во една прилика малку на шега, повеќе со сарказам, кажа дека неправдите што му се нанесени „ми го продолжија животот“.

Светска сензација со теракотните икони

Тешко е само да се наброји што сѐ направил Коста Балабанов за афирмација и заштита на средновековното, но и подоцнежното историско културно наследство на Македонија. Најголемата светска сензација д-р Балабанов ја постигна со откривањето на теракотните ранохристијански глинени плочки од пети и шести век кои беа прво оспорени од  некои научници како сомнителни, алудирајќи на фалсификати, најмногу поради својата неверојатна  извонредна сочуваност. Балабанов успеа со својата упорност и научна работа да ја докаже оригиналноста на винички теракотни плочки со извонредни мотиви, кои го обиколија светот со изложби во Рим, Париз, Москва, Токио, Мадрид… тој успеа не само на научниот свет, туку и на обичните луѓе во светските културни центри да им овозможи иконите од Македонија да бидат препознаени подеднакво како тие од Синај и од Русија.

Како директор на Заводот за заштита на споменици со своите соработници постигна голем успех со стручната  заштита од пропаѓање на фрескоживописите во многу  средновековни цркви.

Д-р Балабанов и како универзитетски професор и експерт  со своите предавања на светските универзитети Кембриџ и Оксфорд, поканет како професор гостин ја афирмираше македонската култура, докажувајќи дека во некои области не  заостанува зад европската. Како општественик и почесен јапонски конзул во Македонија обезбеди милионски вредни донации во разни дејности, особено во здравството.

За својата дипломатска активност и научни достигнувања ги доби високите јапонски царски одликувања. Беше извонреден собеседник, полиглот, ненаметлив, скромен човек, вистински џентлемен. Во дружбите покрај тоа што ќе го кажеше на еден многу посебен и интересен начин проткаен со хумор, дури и во деликатни ситуции на спротивставени ставови знаеше елегантно да ги доведе работите до пристоен дијалог. Неговата аргументација на начинот на кој ја изнесуваше и во јавните настапи во медиумите беше несоборлива не само за областите во кои беше неприкосновен, туку и за она што ни се случува во државата.

Ненапишан роман за Балабанови

Неговите кажувања за неговиот живот и ерменското потекло на Балабанови, нивните селидби е возбудлив ненапишан роман. Да се живее и работи во два, по многу што најзначајни века, во три-четири политички и економски системи, во драматични времиња по Балканските и по Првата светска војна и за време на Втората светска војна и по неа, во време на големите тектонски промени со распадот на Југославија, почнувајќи од кралства до комунизам и транзиција до демократија која сѐ уште трае е чудесно возбудлива сторија на вековите на Балабанов како што тој ги пребродил.

Рецептот за долг живот со многу црн хумор во една ваква прилика да се кажува може да прозвучи непристојно, но не можам да одбегнам со доза на „самоцензура“ да не споменам неколку кажувачки кои ја отсликуваат неговата личност. Знаеше повеќе пати да каже „подобро да имаш добра меморија, отколку добар ин мемориам. Долгиот живот е убава работа ако си при памет, а и да го изгубиш ти нема да страдаш колку тие што те сакаат, твоите најблиски. Длабоката старост има само една голема маана, ќе видиш и доживееш многу несреќи. Добрата работа е ако успееш да се ослободиш од стравот од смртта. Тоа најлесно се постигнува ако ја совладаш пораката на Конфучиј која вели човек кога ќе умре не знае дека е мртов“.

Само еднаш го видов гневен. Го погоди лустрацијата како гром од ведро небо, која му ја измислија и приредија партиските „просветители“ сместувајќи го во „кодоши“, соработници на злогласната УДБА. Таа харанга и сатанизација насочена кон познати личности и заслужни дејци за нивна компромитација му беше наменета поради неговите јавни настапи, сместувајќи го неправедно во политички противници, но и поради неговиот долгогодишен спор со црквата, за која ја одработи најголемата меѓународна афирмација со претставување на светот на македонското средновековно културно наследство.

Коста Балабанов се одбрани и судски ја докажа својата невиност, со тоа што ги сочувал документите од неговото лечење во Словенија токму во периодот кога, наводно, како што беше наведено од лустраторската инквизиција дека извршил некакво предавство во Штип, во неговиот роден град.

Неговиот долгогодишен судир со врвот на црквата помогната од властите се однесуваше за куќата на Балабанови која е национализирана. Оваа прекрасна куќа, знаменита градба, која и ден денес го краси Штип по долгогодишните судски постапки не успеа да ја врати. Ми раскажуваше како речиси секој ден поминувал покрај сопствената куќа со горчина во душата повеќе поради спомените од детството и на своите родители  и семејството, отоколку за отуѓената куќа. Револтот настанал со Законот за денационализација, кога почнаа да се враќаат одземените имоти. Како и сѐ друго во Македонија покрај правдата се соочи со нова неправда. Црковните власти беа помоќни од законот. Тоа беше повторување на неправдата која беше нанесена на неговите  родители, а по прогласување на независноста на Македонија и на наследниците.

Анатема за чудесата на „Свети Димитрија“

Уште еден судир со црквата и политиката предизвика нова анатема кон него. Тоа се случи кога Балабанов во „Утрински весник“ ги разоткри и демистифицира „чудесата“  во познатата скопската црква „Св. Димитрија“, што може да се смета за почеток на збогување со секуларноста на Македонија.

Пред Велигден 2012 година една ноќ во црквата „Св. Димитрија“ се случи големото чудо – почнаа да оживуваат иконите во скопскиот храм. Околу главите на иконите на светците се појави златна боја, а од нивните очи протекоа солзи. Беше тоа божји дар за Велигден. Настапи голем сенароден вознес, веднаш дотрчаа црковните великодостојници и световните водачи предводени лично од премиерот Никола Груевски да се крстат пред чудото божјо  испратено од Бога до македонскиот народ, покажувајќи му го патот на целото стадо.

Целата работа ја расипа „неверникот“ Коста Балабанов кога кажа дека некој простосмртник во црквата му помогнал на Господ кога ги измил иконите од саѓи, водата испарувала и се кондензирала на sидовите, па така освен Господ во миењето на црковните sидови учествувал и некој друг. Дури научникот отиде до таму да каже дека се прекршил законот за заштита на културното наследство.

Што е најстрашно, јавно кажа дека најголемите противници на празноверието и ширењето на приказни за овоземни чуда и бабини деветини, Црквата во своето учење остро ги осудува како поопасни од атеистичките пропаганди. Поттикнувањето на верски примитивизам со затскриено среброљубие да ти бил еден од најголемите гревови во христијанството. Играњето со верските чувства на граѓаните прва требало да го осуди црквата, а не самата од највисокиот великодостоинственички ред во брак со световната власт да се јави како поттикнувач на празноверие. Така почна да се топи секуларноста во Македонија.

Во лабараторијата на Балабанов

Моето пријателство со Коста Балабанов траеше повеќе од 50 години. Тоа се случи во чудни околности. Прво ги запознав неговите лулиња кои беа наредени на една масичка во нивната барака во Тафталиџе. А потоа влегов во малата „лабораторија“ за правење фотографии. Како студенти заедно со неговиот внук од сестра, Миодраг Живковиќ – Мики, во таа мала за мене мистична темна просторија бевме фасцинирани кога од садовите со некакви хемикалии од филмовите на нашите фотоапарати излегуваат слики.

Коста Балабанов тогаш беше во Англија, на универзитетот Окосфорд како визитинг професор да предава за македонските икони. Со Мики пушевме од неговите лули и правевме слики што преку ден ги сликавме со руските апарати  „Смена 4“ . Се чувствувавме како „уметници“ во некаква голема и тајна мисија. Го замислував Коста Балабанов како таму на Оксфорд држи лекции на студенти.

Првата средба по неколку месеци се случи баш така како што го замислував. Влеговме во бараката, а Коста во карирано сако од првокласен англиски штоф со лулето во уста седеше на масичката и нешто читаше. „Влезете момци“, рече, „да видиме што сте научиле, гледам многу сте работеле“. Ни ја раскажа приказната зе еден негов извонреден студент кој се обидел да изврши самоубиство. Во договор со деканот секој ден одел во болница да го посети и да му предава за македонските икони и цркви. Тоа многу му помогнало да се врати на предавањата и да продолжи со нормален живот. Коста останал со него во комуникација долго време. Ова може да биде добра лекција и за нашите денешни професори.

Ете од тие рани седумдесети години од минатиот век сѐ до неговата смрт со д-р Коста Балабанов останавме пријатели на што сум особено горд. Имав многу што да научам од овој прекрасен човек. Вечна благодарност и вечна му слава.  Татковината еден ден ќе ги препознае неговите дела и ќе го смести таму кај што припаѓа. Во пантеонот на великаните.  (Nezavisen.mk)

Ерол Ризаов

 

 

Back to top button
Close