Велешката полиција приведе три лица кои управувале возила без возачка дозвола, одземени и автомобилите

Екипи на СВР Велес при теренски контроли спроведени вчера и синоќа на повеќе локации во и надвор од Велес привеле три лица кои управувале моторни возила без да поседуваат возачка дозвола, при што им биле одземени и возилата.

Синоќа во 21:50 часот, на улица „Петре Прличко“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле  од слобода 30 годишниот  М.Г. од Скопје. При контрола во сообраќајот, било сопрено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Г., при што било констатирано дека го управувал без да поседува возачка дозвола. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, а возилото било одземено. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Претходно, во 12:05 часот на улицата „Димитар Влахов“, бил приведен и 54-годишниот С.К. од Велес, кој управувал возило „матиз“ со велешки регистарски ознаки без да поседува возачка дозвола. И во овој случај, по насоки на јавен обвинител, лицето било приведено, а возилото одземено.

Третиот случај е регистриран синоќа во 19:40 часот на магистралниот пат Езеро „Младост“ – Велес, каде полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки го привеле 22-годишниот Д.Ѓ. од Велес, кој управувал возило „БМВ“ без возачка дозвола.

По целосно документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат денеска од СВР Велес.

Back to top button
Close