Велешкото езеро е полно со цијанотоксини и со амонијак: Кој ги штити загадувачите на Младост?
По извршените анализи на Центарот за јавно здравје Велес, препораката е дека водата во езерото Младост не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини. Екохаваријата ја потврди извештајот, кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид уште лани, но локалните власти не веруваа во него и нарачаа нови анализи од приватни акредитирани лаборатории, пишува Фокус.
Сликата што доаѓа од езерото Младост во Велес е поразителна – наместо природна убавина и чиста вода, површината на езерото е прекриена со дебел слој алги, отпад и органски остатоци, претворајќи го некогаш популарното излетничко место во вистинско мочуриште.
Во минатото создадено за наводнување на лозовите плантажи околу него, во сегашноста прераснато во атрактивен туристички центар со хотели, викенд-населби, пешачки и велосипедски патеки, како и паркови за инклузивност, велешкото езеро по бурното лето во 2024 година повеќе нема иднина, барем не според она што негрижата на граѓаните и на институциите му го направи и според она што „планираат“ да го преземат.
Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес и ова лето е со лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет.
Центарот за јавно здравје од Велес, по барање на општината, во месец јуни зел мостри на површинска вода од три локации на езерото, а резултатите од извршените испитувања го констатирале загадувањето, кое и лани беше присутно во езерската вода.
Но, за разлика од лани, кога Центарот за јавно здравје заклучи дека водата може да се користи за капење и рекреација, и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри, годинава е констатирано дека не смее да се користи водата буквално за ништо.
Оваа јавна здравствена институција по однос на микробиолошките индикатори ја категоризира водата во велешкото езеро за добра, додека по однос на физичко-хемиските параметри оценува дека таа одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та класа по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на езерото Младост, Центарот за јавно здравје Велес констатира постоење „видлива пролиферација на алги и појава на пена и големо количество биомаса-густи, пивтиести, сунѓерести наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата.
…