Велика Британија испраќа беспилотни бродови и авиони „Тајфун“ за обезбедување на Ормуската Теснина Велика Британија ќе распореди

Велика Британија ќе распореди автономна опрема за лов на мини, најсовремени анти-дрон системи и борбени авиони од типот „Тајфун“ во рамки на мисијата во Ормуската Теснина, најави британскиот министер за одбрана Џон Хили.

 

Тој ја објави одлуката за време на состанокот во Лондон, на кој заедно со Франција беа домаќини на 40 министри за одбрана, фокусирани на плановите за заштита на сообраќајот во овој критичен воден пат по евентуалниот прекин на непријателствата.

 

Пакетот вклучува автономни „Кракен“ беспилотни бродови и поддршка од бродот „РФА Лајм Беј“, кој ќе служи како матична база за дроновите наменети за чистење на морските патишта. Државната секретарка Рејчел Ривс веќе одобри 115 милиони фунти за оваа намена.

 

– Заедно со нашите сојузници, оваа мултинационална мисија ќе биде дефанзивна, независна и кредибилна – изјави Хили. Овој поморски правец, клучен за снабдување со нафта и гас, е практично затворен од страна на Техеран како одговор на нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, што предизвика глобална енергетска криза.

 

Иако американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио првично беа скептични кон вклучувањето на сојузниците по завршувањето на конфликтот, Рубио подоцна призна дека таквата акција може да има „одредена корист“. Од друга страна, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги нарече напорите предводени од Британија и Франција „смешни“, додека генералот Дан Кејн апелираше земјите со интерес во Ормуската Теснина директно да им помогнат на САД.

 

Паралелно со воените најави, Велика Британија воведе 12 нови санкции насочени кон ирански државјани и организации обвинети за планирање напади на британско тло. Меѓу санкционираните е и мрежата „Зиндашти“, поврзана со иранското разузнавање, како и пет членови на семејството Зарингалам, обвинети за перење милијарди долари преку „банкарство во сенка“ и мрежи во Обединетите Арапски Емирати и Хонгконг.

 

– Нема да толерираме криминални соработници поддржани од иранскиот режим кои ја загрозуваат безбедноста во Британија и Европа – порача министерката за надворешни работи Ивет Купер. ссм/

Back to top button
Close