Велика Британија најавува нови санкции против Израел ако не прифати примирје во Газа
Велика Британија може да воведе нови санкции против Израел доколку не се постигне примирје во Појасот Газа, изјави шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами.
– Ужаснат сум и згрозен од израелските постапки во палестинската енклава, рече Лами пред новинарите, откако Израел започна копнена операција против Деир ал-Бала – главниот центар на хуманитарна помош во Газа.
Во заедничко соопштение потпишано од 25 земји, меѓу кои Франција, Канада и Австралија, министрите за надворешни работи побараа итно укинување на израелските ограничувања за доставување хуманитарна помош во Газа. Според нив, актуелниот модел на испорака довел до „повторени напади врз палестински цивили кои бараат храна“.
Израел возврати дека изјавата е „надвор од реалноста“ и дека „испраќа погрешни пораки до Хамас“.
Лами, кој претходно истото го повтори и во британскиот Парламент, изјави дека Лондон сериозно размислува за дополнителни санкции.
– Веќе воведовме неколку мерки, но ако нема промена во однесувањето и страдањето продолжи, подготвени сме на нови чекори, рече тој.