Велика Британија: Учесниците во режирањето на интервјуто со Протасевич треба да одговараат

Велика Британија оцени дека интервјуто на белоруската државна телевизија со новинарот Роман Протасевич, по присилното слетување на неговиот авион во Минск, е „вознемирувачко“ и „очигледно под притисок“.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб ги повика учесниците во емитувањето на наводната исповед на Роман Протасевич да понесат одговорност.

„Вознемирувачкото синоќешно интервју на г. Протасевич јасно беше под притисок“, напиша Рааб на Твитер, повторувајќи ја осудата, претходно изречена од страна на Германија и белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја.

„Прогонувањето на бранителите на човековите права и слободата на медиумите во Белорусија мора да престане“, рече тој. „Оние кои учествувале во снимањето, принудувањето и режирањето на интервјуто мора да одговараат.

Основачот на каналот Телеграм Нектеа, Протасевич, кој во Белорусија е прогласен за екстремист, во интервју за државниот ТВ канал ОНТ изјави дека се изјаснил за виновен за организирање неовластени протести по претседателските избори.

-Отворено признавам дека бев еден од луѓето кои објавуваа повици да се излезе на улица на 9 август. Веднаш штом ми беа презентирани документите за обвинение, ја признав вината. Сфатив дека како резултат на пораките што ги објавив, меѓудругото, избувнаа неконтролирани немири и Минск со денови живееше во хаос, рече Протасевич во интервјуто на државната телевизија.

Блогерот, исто така, кажа дека учествувал во видео конференциска врска на заговорниците кои планирале пуч и атентат врз Лукашенко, но не разговарал за деталите за нивниот план. Според Протасевич, неговата улога била само да ја одржува комуникацијата меѓу нив и седиштето на Светлана Тихановскаја.

Блогерот истакна дека ја нарушил новинарската етика и „ги преминал сите граници“.

Откако изјави дека единствена желба му е во иднина да има нормален живот, без поголемо политичко учество и слични грешки, на крајот од 1,5-часовното интервју, Протасевич почна да плаче и го покри лицето со рацете. Неговиот крајно вознемирен изглед самиот го препиша на фактот дека „малку настинал“.

Таткото на 26-годишниот Дмитриј Протасевич за француските медиуми веќе изјави дека видеото е резултат на „злоупотреба, тортура и закани“.

-Јас многу добро го познавам мојот син и верувам дека тој никогаш не би рекол такви работи, рече тој. „Го скршија и го принудија да каже се што е потребно“, рече тој и додаде дека го боли да го гледа интервјуто.

Неговата мајка Наталија Протасевич, која живее во Полска, денеска го оцени интервјуто како резултат на тортура во затвор.

„Не можам ни да ги замислам методите на тортура – психолошки и физички – на кои мојот син е подложен во моментот“, изјави 46-годишната жена за ДПА. – Веројатно не можете да претрпите поголема тортура како мајка, вели таа.

Back to top button
Close