Велимир Жерновски со „Пиета во прекривките на ургентноста“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале на уметноста 2026

Уметникот Велимир Жерновски со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ ќе ја претставува Македонија на 61. издание на Венециското биенале на уметноста 2026, соопшти Министерството за култура и туризам.

Фото: Велимир Жерновски – фејсбук профил

Носител на проектот е Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје, а за претставникот одлучила комисијата во состав: Соња Абаџиева, Ивана Урошевиќ и проф. Симон Шемов.

Комисијата ги разгледала сите четири пристигнати проекти на Конкурсот и оценила дека овој оригинален и компактен проект кој е надвор од стереотипите и стандардите на визуелната практика соодветствува со тематската матрица на престојното Венециското биенале.

„Инсталацијата ‘Пиета во прекривките на ургентноста’, на крајно едноставен начин е фокусирана на ‘Пиета’ (1498/9) – врвното ренесансно дело на Микеланџело Буонароти од црквата ‘Св. Петар’ во Ватикан. Реплицираниот монумент на третата од Микеланџеловите пиети, конструиран од современи материјали, авторот го прекрива со заштитни „златни“ фолии користени од страна на современите бегалци, бездомници, страдалници и луѓе заобиколени од човечката емпатија. Оваа златна наметка практично ја игнорира смртта и воопшто феноменот на геноцидот бидејќи ја преформулира скулптурата во ново руво и ја уништува примарната форма во нови загадочни фигуративни решенија. Тие ја анулираат високата естетска сензибилност на ‘Пиета’ и од симбол на хедонизмот ја претвораат во трансфигурација во тесна релација со денешното (само)уништување на човештвото“, велат од Министерството.

Венециското биенале на уметноста ќе се одвива од 9 мај до 22 ноември 2026.

Back to top button
Close