Велковски најави решавање на проблемот со сместувањето на бездомните лица, кои живеат на неколку локации во Скопје
Освен на депонијата Вардариште и на други локации во Скопје се мапирани бездомни лица. Заменик министерот за социјална политика, демографија и труд, Ѓоко Велковски вели дека за нивно сместување веќе е најдено решение и ќе се решава проблемот по примерот на изградбата на типските куќи во штипската населба Мирјанина Црква.

-Има повеќе локации, каде што имаме ваква појава, во Визбегово имаме, имаме во Бутел една таква дива населба. „Ранка Милановиќ“ поранешниот Дом за деца исто така и Вардариште, којшто беше пред самите избори. Пратена е информацијата на Влада, со конкретни чекори и активности, со акциски план комплетен, рече Велковски во одговор на прашање при денешното означување на почеток на градба на нова градинка во Ѓорче Петров.
Тој додаде дека не е само луѓето да бидат дислоцирани од овие локации, туку треба да се изградат станбени капацитети, во кои ќе се сместат лицата од овие локации, кои немаат свои домови.
-Треба да се обезбедат пари, со овој Акциски план за да можат овие лица, соодветно да бидат дислоцирани од локациите, каде што сега се дивонаселени и живеат. Така што информацијата веќе е на Влада, во процедура е, посочи Велковски.
Тој истакна дека овој процес е малку подолготраен, бидејќи е поврзан со решавање на станбеното прашање на бездомните лица, кои живеат на неколку локации. Велковски како позитивен пример го посочи Штип, каде што во новите типски куќи изградени со средства од ЕУ и од буџетот на Општина Штип веќе неколку дена се вселени 36 семејства, кои живееа во субстандардни услови на две локации во Штип.





