Велосипедистите од Исланд се во добра здравствена состојба – самоиницијативно тренирале на патека која не е дел од официјалната патека за одржување на велосипедската трка
Велосипедистите од Исланд се во добра здравствена состојба, самоиницијативно тренирале на патека која не е дел од официјалната патека за одржување на велосипедската трка во рамки на ЕМОФ, се наведува во официјалното соопштение на Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 во врска со сообраќајната незгода што се случи на 23 јули, во која беа повредени двајца млади исландски велосипедисти
-Во врска со сообраќајната незгода што се случи на 23 јули 2025 година, околу 12:00 часот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во близина на селото Зубовце, ја информираме јавноста дека двајца малолетни велосипедисти од репрезентацијата на Исланд, учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), се здобија со телесни повреди. По укажаната медицинска помош во Општата болница Куманово, утврдено е дека спортистите се во стабилна и добра здравствена состојба, без потреба од хоспитализација.
На местото на настанот веднаш реагираа претставници од организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025, кои им укажаа поддршка и помош на повредените спортисти и беа во постојан контакт со делегацијата од Исланд.
Според официјалниот извештај на СВР Куманово, на 23.07.2025 година во 12:09 часот било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во атарот на с. Зубовце, патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице на возраст од 42 години, удрило во двајцата велосипедисти од Исланд. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.
Во согласност со полицискиот извештај, истите велосипедисти не се движеле на официјална и одобрена патека за тренинг или натпревар, ниту во времетраење што било определено за тренинг активност. Според податоците, делегацијата на Исланд на сопствена иницијатива и без најава до организациониот комитет, спровела тренинг на регионален пат кој не бил дел од агендата на ЕМОФ.
Од исландската делегација во изјава до организацискиот комитет изразија жалење за инцидентот, при што посочија: „Жалиме за ненамерниот инцидент што се случи надвор од официјалната тренинг патека на ЕМОФ. Благодарни сме што двајцата велосипедисти се во добра здравствена состојба. Благодарност до организаторите и медицинскиот тим за нивната брза реакција и поддршка. Ќе соработуваме целосно со сите релевантни институции за да се расветли случајот и да се осигураме дека сите активности продолжуваат во духот на спортот, одговорноста и безбедноста.“
За потсетување, за тренинг активности од 10:00 до 13:00 часот, полицијата имаше обезбедено целосно блокирана и безбедна траса од пред ресторанот Фемили во населбата Карпош, по стариот пат за Крива Паланка, преку местото викано Света Петка, па по регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце до Меморијалниот центар АСНОМ. На оваа делница сообраќајот за возила и пешаци беше во целост стопиран.
Инцидентот, како што беше потврдено и од страна на полицијата, претставува изолиран случај и не е поврзан со официјалната организација и безбедносните мерки на ЕМОФ. Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 изразува длабоко жалење за настанот и продолжува со блиска комуникација со делегацијата на Исланд и сите релевантни институции, со цел да обезбеди целосна поддршка за повредените спортисти.
Со цел да се спречат вакви и слични инциденти во иднина, упатуваме апел до сите тимови и учесници строго да се придржуваат до официјалните упатства, дозволени патеки и предвидени временски рамки за тренинг и движење, како и навремено да ја известуваат организацијата за секоја планирана активност надвор од официјалната програма.
Во меѓувреме, натпреварите продолжуваат во најдобар ред. Во денешната женска трка во друмски велосипедизам триумфираше Ана Бонаси од Италија, сребрениот медал го освои Ана Меусен од Белгија, а бронзата ѝ припадна на Мелани Роу од Велика Британија. Натпреварувањето се одвиваше согласно сите предвидени безбедносни протоколи и стандарди на ЕМОФ Скопје 2025 – велат од Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025.