„Велт ам Зонтаг“: ЕК им плаќала на еколошки организации за активности против Германија

Европската комисија во текот на 2023 година на еколошки невладини организации им исплатила 700.000 евра за лобирање, па дури и за покренување на правни постапки против германски компании поврзани со заштитата на животната средина, објавија германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.

Според весникот, Европската комисија и неколку водечки еколошки невладини организации, како „Пријатели на Земјата“ и „КлиентЕрт“, „детално се координирале“ за промоција на климатската агенда на ЕУ.

Весникот посочува дека на групата „КлиентЕрт“, чие седиште е во Лондон, но има свои канцеларии и во Брисел и во неколку други европски градови, и биле исплатени 350.000 евра за да покрене судски постапки против германските термоцентрали на јаглен, додека организацијата „Пријатели на Земјата“, со централа во Амстердам, наводно добила задача од ЕК да го поттикне отпорот кон Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Меркосур, на кој жестоко се спротивставуваат еколошките групи поради, според нив, недоволни активности на јужноамериканските држави во справувањето со климатските промени.

Германија го поддржува Договорот меѓу ЕУ и Меркосур, кој беше склучен минатата година, но на него жестоко се спротивставуваат Франција и неколку други земји членки на ЕУ, кои стравуваат дека евтините земјоделски производи од Јужна Америка потенцијално ќе ја преплават Унијата, што ќе се одрази врз европските земјоделци.

„Велт ам Зонтаг“ наведува дека и други еколошки групи добиле пари од ЕК за да влијаат врз европратениците пред гласањата по регулативите поврзани со хемикалиите и заштитата на растенијата.

Тврдењата на весникот се надоврзуваат на обвинувањата на десничарските групи во Европарламентот дека Комисијата „противзаконски користи пари од даночните обврзници“ за да ја унапреди својата зелена агенда.

Кон ваквите тврдењата последниве неколку месеци се приклучија и европратеници од редовите десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), која е најбројна група во Европскиот парламент и од чии редови доаѓаат и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен и половина од еврокомесарите.

Во реакција на наводите на „Велт ам Зонтаг“, Европската комисија соопшти дека „нема тајни договори“ меѓу неа и невладините организации.

– Комисијата практикува висок степен на транспарентност кога станува збор за обезбедување на финансирањето на невладините организации, потенцира ЕК.

Минатата година Европската комисија издаде упатство за начинот на финансирање на невладините организации, што вклучуваше препорака „да не се одобруваат работни програми ако тие содржат премногу специфични активности насочени кон институциите на ЕУ или нивните претставници“.

Во одговор на обвинувањата на „Велт ам Зонтаг“, раководителката на германската канцеларија на „КлиентЕрт“, Кристијане Герштетер изјави дека „ниту една сума“ од средствата што организацијата ги добила преку инструментот на ЕУ за финансирање на еколошки и климатски акции ЛИФЕ, не била потрошена за „трошоци за судски постапки“, туку дека парите биле употребени за „делумна поддршка на персоналот и нивните активности“.

Back to top button
Close