Венецуела ќе се жали пред СБ на ОН за тајните операции на ЦИА: Вашингтон планира да ја собори владата заради нафтата
Владата на Венецуела изрази голема загриженост поради изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и најави дека ќе поднесе жалба до Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Њујорк тајмс“ беше првиот медиуми што ја објави веста дека САД се подготвени за тајни операции што ќе ги спроведе разузнавачката служба на ЦИА во Венецуела. Многу брзо, овие наводи беа потврдени од самиот американски претседател.
-Давам зелено светло за овие акции, рече Доналд Трамп, кој додаде дека сака да спречи пристигнување на голема количина наркотици од Венецуела во САД, но и дека јужноамериканската земја ослободува голем број затвореници, вклучително и луѓе од институции за ментално здравје, и ги испраќа во САД.
Венецуела објави дека ваквите изјави се кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации и дека подготвуваат жалба.
Венецуела, истовремено, додаде дека сите акции на САД имаат за цел соборување на сегашното раководство на Венецуела со крајна цел одземање на нивните нафтени ресурси.