Венецуела: Извозот на нафта продолжува нормално и покрај американската блокада

Венецуела денеска соопшти дека нејзините извозни операции се одвиваат нормално, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат или излегуваат од земјата.
Танкерите поврзани со државната нафтена компанија ПДВСА продолжуваат со своите пловидби „во легитимно остварување на правото на слободна навигација и слободна трговија“, се наведува во соопштението на компанијата објавено на Фејсбук.
Вчерашната најава на Трамп дојде во услови на зголемени тензии со Венецуела. Во објава на својата платформа „Трут соушл“, американскиот претседател ја обвини земјата дека присвоила „нафта, земјиште и други средства“ од САД и побара нивно итно враќање.
Минатата недела САД запленија танкер за нафта во близина на венецуелскиот брег.
Венецуела располага со огромни резерви на нафта, во голема мера зависи од извозните приходи и најголем дел од својата нафта ја извезува во Кина, која е геополитички ривал на САД. Авторитарниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, ја обвини администрацијата на Трамп дека ги таргетира овие ресурси и се обидува да изврши промена на режимот во Каракас.
САД распоредија значително воено присуство крај брегот на Венецуела, вклучително воени бродови, авиони и трупи, при што Трамп повеќепати нагласи дека копнени операции не се исклучени.
САД во последните месеци извршија и повеќе воздушни напади врз брзи чамци во водите во близина на Венецуела, а администрацијата на Трамп тврди дека целта биле операции поврзани со трговија со дрога.
Венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил изјави дека остварил телефонски разговор со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на кој разговарале за последните потези на Трамп и за ризиците за Латинска Америка и Карибите.
Ванг ја изразил солидарноста на Кина и „решителната поддршка“ за Венецуела, напиша Гил на Инстаграм, додавајќи дека му пренел и порака од Мадуро до кинескиот претседател Си Џинпинг, без да наведе дополнителни детали.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум ја повика Организацијата на Обединетите нации да посредува во конфликтот со цел да се спречи понатамошно крвопролевање, обвинувајќи ја организацијата за неактивност






