Венецуела: Кога ќе се обезглави една држава нема лесно пресадување со друга глава

Денко Малески
Што се случува со светскиот поредок? Уште ли важи поговорката дека „светот се движи во насока во која се движи Америка“. Да провериме. Америка под Доналд Трамп не е веќе уставна демократија туку авторитарен поредок управуван со извршни наредби на еден човек – претседателот. Истото такво беззаконие владее и со светскиот поредок денес. Во таа смисла – да, „светот се движи како што се движи Америка“. Нема веќе почит за меѓународното право ниту за повелбата на светската организација, а ОН се во ситуација во која се најде пропаднатата Лига на народите во хаосот пред Втората светска војна. Тогаш, големите сили тргнаа во нова прераспределба на светска моќ преку освојување на територии: Германија во Европа, Јапонија во Кина, Италија во Етиопија… Нешто слично се случува денес. Крајот на униполарниот момент е проследен со нова редистрибуција на светската моќ. Се исцртуваат нови сфери на влијанија. Јужна Америка, Блискиот исток и Гренланд се мои, а во Азија ќе и се спротиставам на Кина, порачува Трамп, на чело на голема сила чија моќ е во опаѓање.
Со воената акција во Венецуела Трамп им го загорчува животот на европските сојузници чии политики, велат самите, почиваат врз принципите на меѓународното право. Барем американскиот претседател да го употребеше стриот вокабулар и да кажеше дека киднапирањето на Мадуро е дел од процесот на враќањето на демократијата и слободата во Венецуела. Тогаш тие би можеле да кажат дека интервенцијата е легитимна. Ама што, кутрите, да кажат сега кога Трамп вели дека целта на воената интервенција е венецуеланската нафта? И еве изненадувањње. Најверен на политиките на американскиот претседател е македонскиот министер за надворешни работи кој побрза да ја пофали акцијата за киднапирањето на Мадуро и сопругата од страна на Трамп. Па, така, му става зборови во уста на американскиот претседател карактеристични за некои минати времиња: дека, сепак, се работи борба за демократија и слобода на народот на Внецуела.
Што ќе се случува наредните денови? Според зборовите на Трамп искажани на вчерашната конференција за печат тој очекува се да оди мазно. Тоа ме потесети на триумфалниот говор на Џорџ Буш помладиот кој, по заробувањето на Садам Хусеин, качен на американски носач на авиони, прогласи победа во Ирак. А, всушност, следеше повеќегодишен пекол и граѓанска војна не секој против секого во Ирак. Не е ли многу веројатно истото да се случи во Венецуела? Америка го превзема управувањето со Венецуела, спокојно и самоуверено изјави Трамп на вчерашната конференција за печат.На дополнителното прашање на новинарите кој конкретно ќе управува со државата, покажа на луѓето кои стоева зад него, меѓу кои државниот секретар Марко Рубио и министерот за војна Пит Хегсет. Тоа, се разбира е неизводливо. Со државата ќе мора да управува некој кој е таму. Од одговорите на прашањата што следеа разбираме дека Трамп одлучил да ја спроведе својата политичка волја преку потпретседателката на Венецуела Делси Родригез а не преку водачката на опозицијата Мариа Мачадо. Но, не помина многу време а Родригез му откажа послушност на Трамп со изјавата дека само Мадуро е легитимниот претседател на Венецуела. Како ќе се одвиваат настаните натаму, само еден Господ знае. Сепак едно е јасно, американските политичари никако да научат дека кога ќе се обезглави една држава нема лесно пресдување на нова глава врз нејзиното политичко тело. Примерите се бројни, а од поновите: Гадафи воЛибија, Садам Хусеин во Ирак, Башар ел Асад во Сирија… Сите примери покажуваат дека после ваквите интервенции ништо не оди мазно и дека безмалку секогаш следи долг период на нестабилност, немири или граѓанска војна.Венецуела е држава со огромно пространство: колку Германија, Франција и Австрија заедно и има 30 плус милиони жители.Потенцијалот да се повтори вообичаената приказна од другите држави врз кои е извршено политичко насилство се големи, а мазниот премин кон тотална американска доминација со државата звучи како приказна за деца. Но, набргу ќе се види. Опасноста Америка да заглави во уште една „forever“ војна се големи.






