Венецуела со воена вежба одговара на американските маневри во Карипско Море
Венецуела денеска спроведе воена вежба во два крајбрежни региони, вклучително и околу Меѓународниот аеродром Маикетија, кој го опслужува главниот град. Воената вежба „Независност 200“ почна со целосно активирање на сите одбранбени и офанзивни планови во интегралната одбранбена зона Ла Гваира, каде што се наоѓаат пристаништето и аеродромот во Каракас, „и во интегралната одбранбена зона Карабобо, крајбрежна област западно од Каракас. Воената вежба вклучува распоредување војници, на припадници на национална милиција и беспилотни летала.
Воената вежба е одговор на американските воени маневри во Карипско Море.
САД пред повеќе од еден месец распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога, и уништија четири бродови, за кои се сомневаше дека шверцуваат наркотици, при што загинаа 21 лице.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро денеска го осуди тоа како „вооружена агресија“ од страна на САД, обвинувајќи ги дека сузбивањето на шверцот на дрога го користат како изговор „за наметнување промена на режимот“ во Венецуела и конфискација на нејзините нафтени резерви, кои се меѓу најголемите во светот.
Според неименувани извори, Мадуро се подготвува да издаде декрет, со кој ќе му се дадат посебни овластувања и ќе се овозможи „привремено ограничување“ на некои уставни права.
Претседателот на САД, Доналд Трамп пред два дена изјави дека американските сили нападнале уште еден брод, во близина на брегот на Венецуела, под сомнение дека транспортирал дрога. Според него тоа беше петти нападнат брод.
Трамп на 2 октомври го извести Конгресот дека неговата администрација ги означила членовите на нарко-картелите како „нелегални борци“ со кои САД се вклучени во „немеѓународен вооружен конфликт“.
Документот имаше за цел да ја објасни правната основа на администрацијата на Трамп за распоредување на американски воени сили во Карибите. Според правните експерти употребата на воена сила против наводни криминалци во меѓународни води го заобиколува правниот процес и нема јасна правна основа.
Во минатото, операциите против илегалната трговија со дрога ги спроведуваше Крајбрежната стража на САД, главната агенција за спроведување на законот на САД на море, а не американската армија.
За Мадуро нападите на американската армија се со цел да го соборат од власт, додека министерот за одбрана Владимир Падрино ги оцени како „вулгарност, провокација и закана за националната безбедност“.
Американските медиуми повикувајќи се на неименувани извори, на крајот на септември, објавија дека воени претставници подготвуваат опции за напади врз цели поврзани со трговци со дрога во Венецуела бидејќи Мадуро не презема доволно мерки за да го спречи протокот на дроги од неговата земја.
Плановите што се разгледуваат главно вклучуваат напади со беспилотни летала врз членови и раководство на групи за трговија со дрога и уништување на лаборатории за производство на дрога.
По најголемото распоредување на американски сили во Карибите во изминатите три децении Венецуела прогласи вонредна состојба, мобилизирајќи ги своите вооружени сили и одобри вонредни мерки за заштита на стратешки локации и институции во услови на зголемени тензии. Мадуро повика на национална мобилизација наведувајќи оти суверенитетот на Венецуела можеби ќе треба да се брани од надворешна агресија.