Венс: Бајден, Обама и Буш го прикривале случајот Епстин

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека претседателот на САД Доналд Трамп сака „целосна транспарентност“ во случајот Џефри Епстин, и дека, како што наведе, поранешните претседатели Џозеф Бајден, Барак Обама и Џорџ В. Буш „го прикриле овој случај“.

– Претседателот му наложи на државниот обвинител да ги објави сите веродостојни информации и, искрено, да пронајде дополнителни веродостојни информации поврзани со случајот Џефри Епстин. Тој беше неверојатно транспарентен во врска со тие работи, но некои од нив бараат време, рече Венс во обраќањето во Кантон, во сојузната држава Охајо, пренесе Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека „постојано“ разговара со државната обвинителка Пам Бонди, која „моментално вредно работи на тоа прашање“.

Истовремено, Венс ги обвини претходните администрации за пасивност.

– Администрациите на Обама и Буш беа благи кон Епстин, кого со право го нарекуваме осрамотен финансиер и педофилски олош. Тие не го истражија целосно случајот, не покажаа никаква љубопитност во врска со него, а сега Доналд Трамп бара од своето Министерство за правда да покаже целосна транспарентност – и тоа некако се користи како критика на Трамп, а не на Барак Обама и Џорџ В. Буш, рече Венс.

За време на администрацијата на Буш, американскиот обвинител Алекс Акоста – кој подоцна ќе биде дел од првата администрација на Трамп како секретар за труд – одби да го гони Епстин, со што му овозможи да избегне федерални обвиненија.

Џефри Епстин почина во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година, додека чекаше судење по обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Претходно веќе беше осуден за заведување малолетничка. Неговата смрт официјално е прогласена за самоубиство.

Трамп претходно ги демантираше медиумските наводи дека бил известен за тоа дека неговото име се споменува во досиејата за Епстин, наведувајќи дека „не знаел“ за постоењето на непристојно писмо на кое се појавува неговото име, а кое, според извештајот на Волстрит џурнал, било вклучено во роденденски албум кој во 2003 година за осудениот сексуален престапник го составила неговата тогашна партнерка Гислејн Максвел.

Back to top button
Close