Вербална војна меѓу Костовски и Георгиевски: Од каде ти се парите?!


Откако бизнисменот Трифун Костовски во емисијата „Во Центар“ го спомна екс премиерот Љубчо Георгиевски како пример за политичар кој станал средно богат бизнисмен искористувајќи ја политиката, реагираше поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-НП.

„Неколку зборови за криминалот на чесниот патриот Трифун Костовски. Откако вложи 15 милиони евра претходно украдени од Технометал во својата банка, поради довербата на луѓето и претходниот маркетинг, вложувањата на граѓаните и фирмите пораснаа на над 200 милиони евра. Тогаш Трифун сфатил дека неговите 15 милиони се содржат 13 пати во парите на другите и почна да си ја краде банката преку фиктивни кредити, тие на кои ги даваше задржуваа 10-15 отсто, а другиот дел од парите му ги враќаа“, пишува Георгиевски.

Тој додава дека слушнал приказна дека пред банкротот на фирми на негови блиски им давал кредити без покритие, а тие му ги враќале.

„Сите мои кредити што сум ги зел се обезбедени со најмалку два пати повеќе хипотека, а зошто Трифун давал без хипотека е јасно како бел ден. Само што Костовски е заштитена бела мечка во Македонија а највероватно и добро плаќа и поради тоа тешко ќе видиме завршница. Патем, да потсетиме дека целиот криминал е направен во времето на Груевски“, пишува Георгиевски.

Во однос на овие обвинувања, се огласи и Костовски, кој најави дека ќе го тужи Георгиевски ако не му се извини.

„Незамисливо е експремиер на Владата да дава коментари на својата Фејсбук страница кои се непроверени, невистинити, со еден збор лажни. Споменатиот интелектуалец со иницијали А.М.е Алберт Муслиу и го упатувам да директно со него комуницира на оваа тема. Очекувам официјално извинување во рок од следните три дена, во спротивно ќе поднесам кривична пријава за клевета“, порача Костовски.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close