Верификувани мандатите на новите шест пратеници

Собранието денеска попладне на пленарна седница ги верификуваше  мандатите на новите пратеници откако неколкумина народни избраници станаа градоначалници на локалните избори што завршија во неделата.

„За“ гласаа 83 пратеници, немаше против и воздржани. На местото на Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е избран за нов градоначалник на Општина Аеродром, доаѓа Тони Јаревски, а на местото на Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој стана градоначалник на Општина Бутел доаѓа Зоран Коцевски.  На местото на Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ, кој е новиот градоначалник на Штип, доаѓа Драган Ковачки.

Костадин Костадинов, кој е нов градоначалник на Струмица, во собраниските клупи ќе го замени Љубица Спасова, а Кирил Пецаков, кој стана градоначалник на Охрид, Грација Бакраческа. Биљал Касами, кој на локалните избори беше избран за градоначалник на Тетово, ќе го замени Драгољуб Филиповски.

Панчо Минов, претседател на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања информира дека го усвоиле Извештајот на Државната изборна комисија (ДИК) за преземените работи согласно член 153 од Изборникот законик за прифаќање на остатокот на мандатот на пратеник во Собранието. Минов рече дека Комисијата му предлага на Собранието да се верифицира мандатот на избраните пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот – Тони Јаревски, Зоран Коцевски, Драган Ковачки, Љубица Спасова, Грација Бакрачевска и Драгољуб Филиповски.

Пратеникот на Левица Димитар Апасиев се осврна на верификацијата на мандат и смета дека нема потреба да постои. Според него, претседателот на Собранието Џафери направил, како што рече, „каша попара“ на почетокот со осумте пратеници кои ги верификуваше Верификациската комисија, која според нашиот Деловик е ад кох комисија составена од пет члена и таа ги верификува мандатите на првите матично избрани пратеници. Појасни дека во тие осум случаи се направило грешка и место Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, како што е сега случајот, нивните мандати ги верификувала Верификациска комисија и со тоа се направило проблем во понатамошното делување. Посочи дека има жалба до виш Управен суд и додаде оти отвориле управен спор против Собранието.

Реплицирајќи Џафери рече дека Апасиев прави „каша и попара“ со правниот систем во оваа држава и оти манипулира со јавноста. Според него Апасиев се повикува на состојба пред една ипол година кога во Собранието немало избрано работни тела, а Верификационата комисија била избрана и била во функција се додека не се избере соодветно работно тело.

-Неумесно е да манипулирате со јавноста, нагласи Џафери и додаде дека верификацијата на мандат е пропишана со Деловникот и оти има и Закон за Собрание. Посочи дека Апасиев како и секој граѓанин може да покрене постапка пред Уставен суд ако смета дека не треба Закон за Собрание. Нагласи дека одлуките на Собранието според нашиот Устав не потпаѓаат под управна постапка или под надлежност на управен суд.

Џафери образложи дека секој граѓанин и Апасиев ако има проблем со одлуките на Собранието може да покрене соодветна постапка пред Уставен суд.

По верификацијата новите пратеници влегоа во собраниската сала и седнаа на своите места.

На денешната седница на Собранието пратениците ја поддржаа Предлог- одлуката за испраќање припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина. На дневен ред на 51-седница се повеќе предлог-законите, како за Академија за судии и јавни обвинители, за адвокатура, за граѓанска одговорност за навреда и клевета, сите во прво читање. Пратениците треба да дискутираат и за Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, во второ читање, Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во прво читање.

Продолжението на 51. седницата дополнително ќе биде закажано.

Back to top button
Close