Вертикала на неуспесите

Вертикалата како математички правец која ја сече некоја линија под аголот од 90 степени, фразеолошки подразбира да се биде доследен во своите погледи, ставови, чесен, праведерн во смисол на достоинствено држање во замките кои секогаш вребаат во политичките и сличните определувања, поткупувања и слично.Со еден збор да бидеш свој. Се разбира дека егзистираат и останати фразеолошки толкувања на зборот вертикала како нпр. изветвената “морална вертикала”, но нашата вертикала е вертикала на неуспехот.

Етимолошки зборот вертикала и изведената придевка вертикално како смер  спрема точка на небото, денес астролошки се нарекува зенит. Нашата политичка и дипломатска вертикала не  се движи кон зенитот, туку во спротивниот смер имено кон смерот на делувањето на земјината тежа, односно кон надирот. Следи куса летна анализа за нашиот продор кон надирот. Ова колумна се појавува како реакција на најновите, засега лични, покажувања на заби (avoir une dent contre quelqu,un) во наша мека верзија значи земање  некого на заб, или пак тврда, односно улична, кршење на забите. при што етничикте препукувања не изостануваат и секогаш процветуват со нови уценувања, и тоа секогаш пред да се деси некој ,за нас, значаен настан.

Овој пат поради бугарската  сицилијанска партија во шаховскоото надметање околу “македонското прашање”. Презаситени конзументи на информации, пред да го притиснат копчето delete, ќе ускликнат ,што му е на овој со лептирката, му удрило сонцето во глава, каква врска има дипломатијата со актуелните настани кај нас. Па има. Трпеливите ќе одвојат три минути читање.

Пред тоа само да наведам дека не би сакал да  навлегувам во  интерните турбуленции во националната институција која наскоро ќе треба да го промени името, и чии што, се разбира етнички поделени “обични бесмртници” ја провоцираат иднината на МАНУ, но сепак  би било корисно актерите во досегашните изнесени ставови, да ја прочитаат книгата на Амин Малуф “Фотелја на Сена”, нештата да им станат појасни, што значи национална институција, какви се профили на академиците, како се станува академик, посебно изборот  на претседателите кои во Франција за нешто повеќе од четири века седеле во фотелјата на Сена и чиј мандат е доживотен. Фала му на Бога што кај нас сепак  мандатот е ограничен, а со тоа намалени се и опасностите за девастирање на институцијата. Можеби нашиот нов амбасадор во Париз во своите темелни подготовки ја користел и оваа книга.

Нашето вертикално понирање кон недирот започна после првиот референдум за прогласување на независноста на нашата држава, кој беше успешен со најголем процент на излезност и гласање “за”, во споредба со резултатите во поранешните југословенски републики. Потоа следеше донесување на  Уставот со бојкотирање од страна албанскиот етникум. Потоа дојде Охридскиот рамковен договор вграден во Уставот со уставните амадмани. Преамбулата на првиот Устав не беше  јасно прецизирана  дека сме граѓанска држава, туку преовладуваше етнорамковна варијанта ( Проф. д-р М.Н.). Последната промена на преамбулата е направена по прифаќањето, од наша страна, на наметнатото ни ново име, без да се промени Уставот.

Зенитот ни беше оаза на мирот, надворешна политика заснована на еквидистанца и се разбира евроатлатнски интеграции. Како поминавме во реализација на трите наведени столбови на секого му е јасно. Наместо евроатлантските интеграции да станат составен дел на националната стратегија, тие станаа дел на партиските пазарања, подметнувања со голема вештина на илузионистички жонглирања до границата на обманување на јавноста. Ништо до денес не е променето. Оваа констатација заслужува малку простор. Што не е променето? Потенцирање на етникуми, посебно на едниот во однос на другите, а посебно на мнозинскиот македонски народ, доведе до многу нелогичности за функционирање на  демократска држава. Па сега имаме прв заменик премиер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој се меша секаде, како познатиот маргарин или пак запленетиот путер, па се најде во прв ред во нашата делагација на првата генерална проба во Брисел а по повод меѓувладината конференција. Во која ролја беше таму А. Груби?

Националната стратегија која е само осенчена, ама не и целосно конструирана, ја диктираат околностите во кои ние не сме креатори. Условите ни ги наметнуваат другите, ние кротко ги прифаќаме. За такви предавства се оптужува се разбира актуелната влада која сака да делува проевропски, додека опозицијата често официјано одстапува од своите патриотски позиција, се од страв да не биде прогласена за антиевропска. Тоа не тера кон Европа да тргнеме преку  капиџик, наведнувајќи ја главата.

Европа е близу, но ние сме далеко од  европеизацијата. Во НАТО сме примени повеќе поради сценографијата на НАТО заокружување на непокриениот мал ама значаен простор. Гледано од тој аспект можевме да бидеме примени уште на почетокот на овој миленијум. Доцнењето е дел од нашата политичка ДНК, која е иста и со останатите држави на Балканот, независно дали го нарекуваме “Западен Балкан” или “Отворен Балкан”. Балканот започнува на улицата Ренвег во Виена ( Метерних). ЕУ се обидува да го дисиплинира наведениот регион со различни методи, за нас посебно неугодни, бидејки се случуват во преодниот период на превземање на улогата на водичот, за кое место во фотофинишот францускиот претседател има предимство во однос на германскиот сојузен канцелар. За наша несреќа Софија има многу подобри односи со Париз и Берлин.

Еве дојдовме до врската за спомената, на почетокот, нашата дипломатија. Пред почеток сме  на преговорите со ЕУ. Толку очекуван како крунски доказ за успешност на оваа влада, и девалвирање  на нашата антиевропската опозиција, која бадијала талкаше по јулските горештини низ градовите. Цена на успехот е промена на Уставот. Па добро нема да биде по прв пат. Но зошто не се огласува претседателката на Уставниот суд како во секоја демократска држава, на збунетиот плебс ,кој нема време ниту желба да ја чита преговарачката рамка и  двосмислени протоколи, во името на Уставниот суд, да го даде експертското мислење на тоа што всушност значи внесување на Бугарите во нашиот Устав, кои се долгорочните мотиви, па затоа европските бирократи од највисоки позиции, пристигнуват во Скопје, да не увереат дека влакно од косата нема да ни недостасува и дека се е направено по европски терк.

Договорот за пријателство со Софија беше автетично дело на нашата и бугарската дипломатија, при што Софија покажа  дека знае што сака со нагласен национален интерес. Ние се определивме за гандиевски пристап. Се разбира подоцна во креирањето на  ткн. преговарачка рамка и соодветни измислици по теркот на еднострани изјави за јазикот и козметичките корекции во преговарачката рамка, нашата дипломатија ја покажа својата инфериорност и докажаната подготвеност,  да ги прифати европските предлози на Брисел, само да ја започнеме голготата што не чека на тој пат.  Тоа на меѓународен план резултираше со првата осакатена меѓувладина конференција, а на домашен план предизвика нови подели во македонскиот корпус, а обединување на албанската докажана проевропска ориентација.  Единствено што има континуитет во нашата надворешна политика е константа на дипломатски фаули, до граница на добивање на црвен картон, фудбалски изразено. Ај што немаме континуирана национална надворешна политика (поимот етнорамковен и тука е незаоставен фактор, не декор), ја немаме ниту иституцијата која треба да ја креира надворешната политика. Ние не сме  креатори, туку неуспешни рестауратери на минатото и заглавени во калта на патот кон иднината. Неодмерените изјави на највидните креатори на нашата надворешна политика, ја комплетираат  нашата тажна  дипломатска фреска која е секој ден се повеќе бледи.

Ако овде ја додадам и кадровската компонента (пофторно  нагласен етно рамковен стил) а по повод на новите именувања на амбасадори (се однесува на сите досегашни наши влади) станува се појасно зошто сме ние дипломатски стерилни и лесен плен на дипломатските ловишта. Хронологија со спорот со Софија тоа го потврди. Софија настапи со политички тешкаши и разработана поддршка од главните актери на политичката сцена. Ние со дипломатски скаути.Остана нејасно кој е тимот во разговорите со Софија кој ги застапува нашите интереси. Па ние само формално имаме Дирекција за правни прашања, во која нема вработено ниту еден експерт по меѓународно јавно право и која наводно не била консултирана со разрешување на спорните прашања со Софија.

Ние не го користиме терминот приоритет или давање на предимство на националните државни интереси. Сега цело МНР е ангажирано околу реализација на францускиот предлог и создавање на услови за де факто премиерата на вторта меѓувладина конференција (со асистенција и на Груби) а го забораваме фактот што сме копретседател на ОБСЕ, а догодина председаваме. Треба дипломатски да поентираме, а ѓаволски тешко со овие кадрови ќе биде, поради нарушените односи меѓу  столбовите на ОБСЕ, поради исцрпувачката војна во Украина. Можеме со сигурност да очекуваме некаков вид на отпор од државата  која од страна на нашата влада и претседателот посебно, едногласно, недвосмислено, целосно, понекогаш и непотребно еуфорично ја осудува како главен виновник на уништување на два словенски народи. Нашата источна  политика колабрираше аматерски.

Ќе биде потребно долго време да се воспостави некој баланс во односите со Москва, која формално има позитивен став и околу добивање на автокефалноста на МПЦ, се разбира под определини услови, меѓу кои и борбата меѓу Цариград и Москва околу доминација во православието. Во тој контекст нашата црковна дипломатија ја следи профаната. Гафовите не изостануват. Молитвите не помагаат макар што се изрекуваат и во божјите куќи. Л.Н. Толстој вечниот бегалец, е во право кон односот спрема  религијата, давајќи му доверба единствено на Господот, кој е во секој од нас и со нас. Може ли да се сопре натамошниот надир кон спротивената вертикала што подразбира и загрозување на иднината на државата. Секако може. Првиот тест ќе биде наскоро по завршување на дипломатското ферагосто во Брисел. ЕУ го наметна редоследот, водејќи сметка, пред се,  за сопствената иднина.

Пишува:Ѓорѓи Мисајловски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close