„Веруваше дека мора се заземе страна” Како Одри Хепберн стана тајна шпионка за време на Втората светска војна
Како тинејџерка растена во Холандија, оскаровката храбро пренесувала пораки за холандскиот отпор за време на нацистичката окупација.
На поткастот на Би-би-си Радио 4 „Најмладите херои на историјата“, Никола Кофлан ги осветлува чудесните приказни за отпорот, ризикот и радикалната моќ на младоста, раскажувајќи приказни за млади личности од историјата кои го менувале светот.
Во најновата епизода зборува за Одри Хепберн филмска и модна икона во 50-те и 60-те години од минатиот век. Таа беше пет пати номинирана за „Оскар“ кој го доби за најдобра актерка во 1953 година за улогата во „Викенд во Рим“. Сепак, како тинејџерка за време на Втората светска војна, таа играла сосема различна улога како, на пример, организаторка на тајни балетски перформанси преку кои се собирале средства за холандскиот отпор за време на нацистичката окупација.
Хепберн е родена во Брисел во 1929 година како ќерка на холандска баронеса, Ела ван Хемстра, и британско-австрискиот бизнисмен, Џозеф Хепбурн-Рустон. Во Лондон, нејзините родители се приклониле кон Освалд Мосли, водач на насилната антисемитска Британска Унија на Фашисти (БУФ). За списанието на БУФ, Ван Хемстра имала напишано статија за она што го сметала како проблесок на нацистичка Германија. Хепберн-Рустон го напуштил семејството кога Хепберн имала шест години. Тој подоцна бил уапсен како „помошник на странските фашисти“ и ја минал војната во британски затвор.
„Беше екстровертна и како девојче. Се смееше, играше, глумеше. Дедо ми ја нарекувал ‘мајмунска сложувалка”, вели Лука Доти, најмладиот син на актерката, во интервју за поткастот, на Роберт Матзен.
Матзен е автор на „Холандската девојка“ што е хроника за животот на Хепбурн за време на Втората светска војна.
„Мајката на Одри одлучила дека Англија, а поконкретно Кент, не е добро место за Одри поради претстоечката закана Германија одеднаш да мине низ Франција и да започне инвазија врз Англија“, вели Матзен. Ван Хемстра ја отпишала ќерка си од британското интернатско училиште. Тие се преселиле на семеен имот во Холандија и Одри се запишала во школо за танц, водејќи се под име кое звучело похоландски – Адриантје ван Хемстра (подоцна, кога ќе ја започнала актерската кариера, го променила презимето во Хепберн). Нејзината мајка сепак продолжила да се воодушевува на Адолф Хитлер и верувала дека тој никогаш не би извршил инвазија врз „нејзината“ земја.
„Преселбата во Холандија не значело преселба дома. Таа не зборувала холандски. Морала да оди во холандско училиште без да разбира ниту еден збор, и тоа со нови деца кои ѝ се потсмевале“, вели Доти за искуствата на мајка му во Холандија.
Хитлер навистина ја нападна и окупираше Холандија во мај 1940 година. „Источниот фронт беше печка во којашто не можеш да стасаш да фрлиш доволно јаглен и други ресурси. На германците им беше потребна храна и облека за војниците, и сè беше земано од холанѓаните и другите окупирани народи“, раскажува Матзен за ситуацијата.
Вујкото на Хепбррн, грофот Ото ван Лимбург Стриум, имал принципиелен став против нацистите. Во 1942 година, група на отпор се обидела да експлодира германски воз близу Ротердам. Вујкото не бил вмешан, но бил уапсен бидејќи бил угледен анти-нацист. Нацистички агенти го однеле него и четворица други во шума, ги убиле и им ги фрлиле телата во необележани гробови. Хепбурн го обожавала вујко ѝ кој го гледала како замена за татко и била скршена од неговото убиство. „Тоа стана национален инцидент, точка на вриење за холанѓаните“, вели Матзен.
Иако семејството на Одри било привилегирано, нацистите преносочувале храна и ресурси од Холандија поради што и тие почнале да гладуваат. Кога Хепберн наполнила 15 години, ѝ било заповедано да се придружи на нацистичките „Културамер“ (унија на уметници) или да се откаже од секаков вид танц во јавност. Таа одбрала да се откаже од танцувањето. „Преку танцот таа можеше да сонува, да лета, да заборави. Убавината беше во начинот на којшто таа бегаше од стварноста“, вели Доти за страста на мајка му. За да не биде откриена, Хепберн танцувала во безбедносна куќа со затворени ролетни и само една свеќа. За време на танцот, во позадина свирел клавир, но многу нежно. Не смеело да има ниту аплауз. На крајот на перформансот, се собирале пари за отпорот.
Од балерина до шпионка
Пролетта, 1944 година, Хепберн волонтирала како асистентка на докторот Хендрик Висер т’Хофт кој бил дел од отпорот. Иако мајката на Хепберн била позната во јавноста како соработничка на нацистите, на докторот очајно му била потребна помош за да може да ги поддржи илјадниците луѓе што се криеле од нацистите. Доволно ѝ верувал на Одри за да ја вклучи во акцијата.
На 17 септември 1944 година, Хепберн била во црква кога брмчење на мотори ја прекинало химната. Тоа бил почетокот на операцијата „Маркет Гарден“, план на сојузничките сили да заземат девет мостови на Рајна. Кога Хепбурн истрчала надвор и погледнала нагоре, видела илјадници војници како слетуваат со падобрани.
За жал, две тешковооружани наци-дивизии се регрупирале во регионот. Нацистички тенкови застанале пред куќата на ван Хемстра. Хепберн и нејзиното семејство се скриле во подрум и седеле таму додека траела битката. Девет денови. Кога излегле надвор, кружело вест дека нацистите победиле. Таа чула вресоци од зграда во која нацистите спроведувале одмазни мерки: мачење и убивање на членови на холандскиот отпор.
Кога војници на сојузниците кои оделе кон Германија морале итно да слетаат во Холандија, Висер т’Хофт ја испратил Хепберн во шумата за да се сретне со британски падобрански војник. Таа носела кодови и тајна порака скриена во чорапот. Одри го остварила состанокот, но како што излегувала од шумата, видела дека се приближува холандската полиција. Хепберн се наведнала, божем берела диви цвеќиња кои потоа заводливо им ги покажала на војниците. Тие биле шармирани и не ѝ поставиле дополнителни прашања. По овој настан, таа често пренесувала пораки за отпорот.
„Таа силно веруваше дека постои битка помеѓу доброто и злото и дека мораш да заземеш страна“, вели Доти.
„Германците не ги третираа сериозно децата. ‘Изгуби ми се од патот детиште’, знаеш, такви фрази. Холанѓаните беа доволно практични да увидат дека децата, токму бидејќи не се сомнителни, можат да бидат оние кои ги пренесуваат пораките, кои ги прават тие клучни нешта за отпорот. И децата го обожаваа тоа. Беше возбудливо и опасно, а станаа и херои на отпорот“, додава Матзен.
До февруари 1945 година, секоја недела 500 холанѓани умирале од глад. Како и многу други, Хепберн и нејзиното семејство биле очајно прегладнети. Таа сериозно се разболела од анемија, жолтица и едем. Со жестоки битки кои повторно им беснееја пред портите, Хепберн и нејзиното семејство се криеле во подрум три недели. Конечно, на 16 април 1945 година, сè потонало во тишина. Мирисало на тутун што било невозможно да се набави во Холандија за време на војната. Од подрумот, се искачила по скалите и ја отворила вратата за пред неа да види пет канадски војници како пушат цигари, со автоматските пушки вперени право кон неа. Веднаш, таа почнала да им зборува на англиски. Еден од нив извикал: „Не само што ослободивме град, туку ослободивме и англиска девојка!“
Хепберн, подоцна во животот, му се исповедала на синот дека никогаш не ѝ простила на мајка си што негувала симпатии кон нацистите. Кога војната завршила, Одри добила стипендија за „Балет Рамберт“ во Лондон. Иако била талентирана, нејзината физиономија била трајно оштетена од лошата исхрана и ја немала потребната физичка издржливост за да биде балерина. Наместо тоа, се насочила кон глума, со мали улоги во театарот „Ист енд“ и во филмови како „Лавандер Хил Моб“.
Во 1953 година, таа ја доби својата прва главна улога во „Празник во Рим“. Филмот доживеа голем комерцијален успех. Покрај „Оскар“ наградата што ја доби за него, таа понатаму ќе добие и „Еми“, „Греми“ и „Тони“ награди. „Инстинктите на Одри беа изострени поради војната и сè што имаше доживеано. Таа имаше толку многу искуство од кое можеше да влече при влегувањето во различните карактери“, вели Матзен.
Хепберн почина во 1993 година. Во текот на целата кариера, таа беше вклучена во добротворна работа, при што најистакнато ѝ е работењето како амбасадор на добра волја за УНИЦЕФ.
Статијата е адаптирана од сценариото на Алекс вон Тунзелман
Извор: ВBC
Превод: Филипа Сара Попова