Вештачење на само една мостра од сомнителниот мазут во ТЕЦ Неготино чини 1.500 евра, а треба да се вештачат над 300 примерици

Веќе цела година обвинителствата во државата работеа со преполовен буџет, од законски утврдениот, а и годинава Собранието е на чекор да изгласа помалку пари за нивна работа. Токму затоа пред пратениците се обрати републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој потенцираше дека средатвата им се потребни за ефикасно функционирање, а не за поголеми плати.

Тој преку пример објасни дека истрагите за дел од предметите се многу скапи.

-Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци, истакна Коцевски.

Тој повторно зборуваше и за недостатокот од вработени, потенцирајќи дека се прават натчовечки напори, поради што еден вработен врши обврски предвидени со 4-5 работни места.

-Ако треба да зборуваме за учинок, на годишно ниво, минатата година обвинителствата решија околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка, истакна Коцевски.

Back to top button
Close