Весиќ: Во Белград 700.000 вакцинирани и 600.000 ревакцинирани граѓани

Во Белград заклучно со вчера, 50,2 отсто од вкупната полнолетна популација е вакцинирана, односно 698.594 лица, а ревакцинирани се 43 отсто од вкупната полнолетна популација, односно 598.773 граѓани, изјави заменик-градоначалникот на главниот град на Србија, Горан Весиќ.

– Во Белград вчера имаше 50 заболени лица, од 274 колку што се евидентирани во Србија. Тоа е околу 18 отсто, а ние во популацијата на Србија учествуваме со 25 отсто. Ова е последица на имунизацијата, која најдобро се одвива во Белград. Затоа, кога имате 50 заразени лица во град како Белград, навистина нема смисла кафулињата и рестораните да работат само до 22 часот, изјави Весиќ за ТВ Пинк.

Тој изрази надеж дека во повеќето градови во Србија до 21 јуни ќе биде надминат прагот од 50 отсто.

– Белград веќе го стори тоа. Наскоро и Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Ужице, Сремска Митровица. Нема причина Белград и местата во кои ќе има над 50 отсто вакцинирани до 21 јуни да не бидат отворени за концерти, свадби, конгреси, фестивали со почитување на протоколите и сите епидемиолошки мерки. Белграѓани заслужуваат да бидат наградени затоа што беа најдобри кога станува збор за вакцинацијата. Тие го заслужија тоа, а јас сум тука да го побарам тоа во нивно име, нагласи Весиќ.

Back to top button
Close