Ветото ставено во „игра на брзи прсти“

Кој ќе биде побрз – дали Петков побрзо ќе обезбеди мнозинство или опозицијата ќе изнуди паѓање на Владата? Ветото за РСМ е во средиштето на несогласувањата.

    

Малата, речиси симболична можност до крајот на јуни да падне бугарското вето за РСМ, се најде пред трка со рокови. Вчера бугарската опозициска партија ГЕРБ, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, соопшти дека денеска до парламентот ќе поднесе барање за гласање на недоверба на владата на Кирил Петков. Ваквото барање уследи истиот ден откако агенцијата Бгнес објави дека Петков планирал да го изолира МНР, за да го тргне  ветото за РСМ.  Агенцијата објави нацрт одлука на Владата, во која се вели: „Секоја одлука на француското претседателство со  ЕУ,  земја членка или Европската комисија во врска со одобрувањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ на PCM и Албанија, донесена во подготовка или одржување на состаноци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) или до Советот за општи работи, која отстапува од Рамковниот став на Советот на министри од 2019 година, веднаш да биде испратена до Комисијата за надворешна политика на Националното собрание“.

Според медиумот, на ваков начин Петков се обидува да го заобиколи МНР, а решението да биде насочено само кон Комисијата за надворешна политика, чиј претседател е Венцислава Љубенова, која се сметала за блиска до премиерот.

Неизвесна трка

Сега и власта и опозицијата ќе ги премеруваат силите. На Петков му недостигаат уште седум пратеници за да има мнозинство, а во опозицискиот блок номинално има 126 пратеници: ГЕРБ 59, ДПС 34, ИТН 20 (во моментов) и Преродба 13. Сепак, не е извесно дали сите тие би гласале за паѓање на Владата. Според законските рокови, расправата за недоверба почнува не порано од три дена, и не подоцна од седум дена од приемот на барањето. Во тој рок Петков има маневарски простор да обезбеди  мнозинство за опстанок на Владата,  и за евентуално решение за ветото.

Владо Бучковски, поранешниот специјален претставник на македонската влада за Бугарија, верува дека има шанси Петков да обезбеди мнозинство.

„Турбуленциите на  политичката сцена во Бугарија,  по напуштањето на Владата на министри од редовите на ИТН, дополнително ги отежнуваат напорите на меѓународната заедница, пред сѐ на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за изнаоѓање на компромисно решение за нашиот спор и кревање на ветото за Македонија. Трката помеѓу Петков за обезбедување на мнозинство од 121 пратеник (му недостигаат 7, а според некои, само 4 пратеници) и ГЕРБ на Борисов за изгласување на недоверба на владата, е трка со крајно неизвесен исход. Според мене, поголеми се шансите на Петков, а тоа значи и продолжување на надежите дека во последен момент ќе има уште еден обид за кревање на ветото. Тој обид сепак мора да мине во парламентот. Сѐ на сѐ, неизвесноста нема долго да трае. Исходот ќе го знаеме во следните 7 дена“, вели Бучковски.

Bulgarien I Wahlen I Boyko BorisovПоранешниот премиер Бојко Борисов најави барање за гласање на недоверба на владата на Кирил Петков

Да се сослуша Генчовска

Самитот на ЕУ, со кој ќе заврши француското претседателство, ќе се одржи на 23-ти и 24-ти јуни.

„Ова е и последниот датум до кој бугарската влада може да го тргне ветото за почеток на преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ. Можно е кабинетот на Петков да направи ваков чекор и покрај ризиците што тој ги носи за опстанокот на власта“, пишува бугарски „Капитал“.

Но,  партијата ИТН  која ги повлече министрите од владата и како резултат на тоа досега ја изгуби поддршката на 5 пратеници, ќе се обиде да му ја отежни позицијата на Петков. ИТН денеска повторно ќе иницира одржување на затворена седница, со барање прва точка да биде сослушување на министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, за прашањето со РСМ. Целта на ИТН е да докаже дека Петков водел соло политика во однос на Северна Македонија.

„Темата за Северна Македонија е измислена (од ИТН- н.з.)“, изјави копретседателот на владејачката Демократска Бугарија, Христо Иванов.

„Има јасен уставен текст кој вели дека надворешната политика на Бугарија се води во Советот на министри, а ја води премиерот. Ако имало двојна политика, тоа значи дека министерката Генчовска мора веднаш да поднесе оставка, бидејќи имала поинаква политика од онаа на премиерот“, изјави Иванов.

Црвената линија на БСП

Но, дури и Петков да обезбеди мнозинство од 121 пратеник, и да се точни наводите дека бара начин сега да го тргне ветото, прашање е дали тоа ќе биде прифатено од неговите коалициски партнери кои и досега се противеа на тоа, како што е БСП.

„Опстанувањето на владиниот кабинет не е поважно прашање од  Северна Македонија“,  вели шефот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски во интервју за „24 часа“.

„Ако прашањето е дали опстанувањето на владата е поважно од Северна Македонија – не, не е поважно. И можно е владата да падне, бидејќи и во коалицискиот договор е запишано дека за ветото на Северна Македонија може да се разговара по исполнувањето на обврските. Тоа за нас е црвената линија која нема да ја преминеме“, вели Свиленски.

Тој тврди дека ЕУ не може да биде гарант за исполнување на договорот со РСМ.

„На нашите средби со еврокомесарот за проширување, разговаравме дали ЕК и ЕУ можат да бидат гарант за исполнување на договорот. Вархеји тогаш рече дека не може да преземе такви обврски. Тој е речиси убеден дека и другите земји не би се согласиле да се преземет ангажмани за нешта кои не зависат од нив“, објаснува Свиленски.

„Договор за преговори“

Но, од ИТН имаат поинаков став – сметаат дека на  Петков му биле ветени гаранции од ЕУ. Пратеникот на ИТН, Станислав Балабанов, пред неколку дена јавно покажа белешка за која тврди дека била рачно напишана од премиерот Петков додека патувале заедно со воз за Киев. Според Блабанов, Петков на тоа парче хартија ја илустрирал негова шема за укинување на ветото. Прва точка била укинување на ветото, а потоа сите други услови – внесување на Бугарите во македонскиот уставот, отворање на македонските архиви, решавање на историски спорови, корекција на натписите на спомениците… За сето тоа било планирано да се потпише билатерален документ, кој Петков го претставил како „Договор за преговори“. Во него требало да бидат вклучени споменатите точки, а на  Бугарија наводно ѝ било ветено дека ќе добие гаранции од ЕУ за исполнување на тие барања.

Според ова, ветото практично би било условно „поместено“, за да се остави временски простор по кој ќе се оцени дали се исполнува договорот.

извор: ДВ

Back to top button
Close