ВИ-апликација „препорачува” македонска литература

Знаете ли дека Гоце Смилевски е автор на романот „Последната ноќ во Париз” и дека Петар Андоновски напишал роман со наслов „Големата војна”? Не изненадува дека тоа не го знаеме јас и вие, читателите, туку дека тоа сигурно не го знаат ниту Гоце ниту Петар!

Како дојдов до ова „откритие”? Благодарение на мојата навика, одвреме-навреме, да проверувам што сѐ се пишува во германскиот интернет за македонската литература.Така, вчера изутрината налетав на, за мене досега непозната, германска платформа за учење на странски јазици со помош на вештачката интелигенција – ВИ. Во описот на платформата се вели дека таа нудела апликации, базирани на ГПТ-технологијата, за лесно учење на 57 странски јазици. На веб-страницата на платформата Talkpal AI, покрај апликациите, се нудат и информации за различните јазици и за нивните култури. Така таму можете да прочитате и „Вовед во македонската литеартура”, со препораки на македонски романи („Mazedonische Buchempfehlungen“ – Einführung in die mazedonische Literatur).

Се вели дека македонската литература имала „богата историја и култура која настанувала со векови”, опфаќала многу жанрови, од историски романи до модерна поезија. Платформава се „фали” со „својот избор на дела кои се најдоброто во македонската литература”. Само што тие воопшто не постојат! Но, тоа, за жал, не го знаат корисниците на оваа апликација кои првпат читаат за македонската литература.Под насловот „Историски романи”, Talkpal AI истакнува дека „историските романи овозможувале ‘длабок поглед’ во минатото на Македонија”. А, потоа, следи првиот историски роман во македонската литература. Какво изненадување! Тоа бил „Мостот на Дрина” од Иво Андриќ. „Ремек-делото на нобеловецот Иво Андриќ не е исклучиво македонско, но, сепак, нуди скапоцени сознанија за балканскиот регион”, стои во образложението.

Тој што ќе го преживее овој шок и ќе продолжи да чита, ќе почне да ужива во гротескните фантазии на ВИ-воведот во македонската литература. Имено, списокот на историските романи продолжува со романот „Големата војна” („Der große Krieg”) од Петар Андоновски (!), „современиот македонски автор, чие дело често ги истражува темните страни на човечката природа”, се вели во текстот. „Големата војна” била „фасцинантен роман што ги опишува ужасите на Првата светска војна и нивното влијание врз Македонија.” Не само во овој случај е точно само името и презимето на авторот, туку и кај сите што следат потоа. Сѐ друго е фејк! Мојата претпоставка е дека „романов” настанал од ВИ, која го измешала во својот миксер насловот на романот на Живко Чинго, „Големата вода” и содржината на романот „Пиреј” на Петре М. Андреевски. Веројатно зашто Петре и Петар се слични. Така Петар Андоновски стана автор на роман што никогаш не го напишал!

Подолу, во рубриката „Модерна македонска литература”, следува уште еден „деликатес” од егзотичната кујна на ВИ на Talkpal AI. Романот „Последната ноќ во Париз” („Diе letzte Nacht in Paris”) од Гоце Смилевски! За што раскажува овој роман, за кој и самиот Гоце не знае? „За историјата на еден маж кој се обидува да ги реконструира последните часови од неговиот живот.” Романот бил „длабокоумен и трогателен, го покажувал талентот на Смилевски за психолошка длабочина.”

Вториот „модерен роман” на ВИ-листава е на Луан Старова: „Петочна молитва” („Freitagsgebet”). И за него знаеме дека никогаш не е напишан! Но платформата Talkpal AI вели дека тој бил „чувствителна приказна која раскажува за една фамилија, раскината помеѓу традицијата и модерноста“. Човек веднаш помислува дека вака изгледа кога ВИ „пишува“ со материјалот што ѝ го нудат предрасудите и стереотипите за една земја, како Македонија.

Следат книги од македонската поезија која била „проникната од длабоката врска со природата и минатото на земјата“, притоа „многу поети се служеле со традиционални форми и теми за да ги изразат своите мисли и чувства“. Смешен стереотип што не стигнува ниту до нивото на писмена работа од шесто одделение!

И, веројатно затоа, и прегледот на македонската поезија започнува со Кочо Рацин и со неговата (исто толку непостоечка) книга „Стихови“ („Gedichte“), чии дела биле „задолжителна лектира за секој што се интересира за македонската поезија.“ Освен Кочо Рацин, ВИ на Talkpal AI ја препорачува само уште (секако, непостоечката!) книга на Влада Урошевиќ, „Сината река“ („Der blaue Fluss“). За Влада Урошевиќ се вели дека тој е „модерен македонски поет, чии дела често содржат надреалистички елементи”.

Во рубриката „Македонска литература за деца“ е единствениот наслов кој навистина има врска со авторката: „Авантурите на Зоки Поки“ („Die Abenteur von Zoki Poki”) на Оливера Николова. Таа е опишана како една од најпознатите македонски писателки на детска литература, а книгата за Зоки Поки како една од најоимилените детски книги. Потоа следи уште едно изненадување како со „Мостот на Дрина“ на Андриќ. Освен „Зоки Поки“, во препораките зa македонската литература за деца стои само„Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери во превод на македонски. Затоа што книгата била омилена кај младите во Македонија!

Како пример за уметноста на расказот во македонската литература е наведен Јован Павловски и книгата „Легендата за градот без наслов“ („Die Legende von der Stadt ohne Namen“). Ако ја прочитате биографијата на Павловски од сигурни македонски извори, во списокот на неговите дека нема да најдете книга со таков наслов. Уште поегзотични се насловите на делата кои им се припишуваат на познатите македонски драмски писатели: Коле Чашуле и Горан Стефановски. За Talkpal AI Чашуле е автор на драмата „Бегалецот“ ( „Der Flüchtling”), во која тој ги опишал „тешкотиите и искушенијата” на бегалците. Големо изненадување за познавачите на творештвото на Горан Стефановски е тврдењето на оваа ВИ-платформа дека тој бил автор на драмата „Последното лето” („Der letzte Sommer“). „Снажната драма“ ги опишувала кавгите и конфликтите во една фамилија во текот на едно лето. Делото на Стефановски било познато „по релистичните дијалози и сложените карактери“, заклучува ВИ-стручњакот на оваа чудна платформа. Друга гротескна приказна на неговата фантазија е делото што, во графата „Автобиографии и мемоари“ ѝ се припишува на Лидија Димковска – „Сеќавања на едно детство“ („Erinnerungen an eine Kindheit“). Таа во книгата со многу хумор раскажувала за времето во 1970-те и 1980-те години во Македонија. Патем, освен „мемоарите” на Лидија Димковска, се препорачуваат само уште мемоарите на Киро Глигоров, со наслов „Мојот живот“! Секако, и ова е фејк! Сите знаеме дека насловот на мемоарите на Киро Глигоров е „Македонија е сѐ што имаме“.

Овој ВИ-вовед во македонската литература е навистина редок бисер од невистини и измислици, во текст кој врие од стереотипни слики за Македонија. Како некој зол ум зад машината да ѝ се потсмевал на македонската литература, измислувајќи наслови и содржини. Не укажувам на оваа глупост за да ја разобличам вештачката интелигенција (ВИ), зашто ова невкусно дело е доказ дека таа може да биде само толку „паметна“, колку што е „паметен“ тој што „ја храни“ со информации. Ако материјалот е стереотипен и фејк, тогаш и резултатот не може да биде поинаков освен смешен и глупав. Но тој, сепак, може да наштети на угледот на македонската литература!

Сакам да истакнам дека не треба да оставаме вакви игноратски платформи да пишуваат невистини за македонската литература, притоа не наведувајќи ниту година ниту место на објавувањето на овие божемни дела на македонски автори. Треба ние самите, во добро огранизирана стратегија, за која пишувам со години, постојано да ја претставуваме македонската литература. Ако самите не се претставиме пред светот, точно и сериозно, ќе читаме и понатаму вакви гротески.(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close