Ви се чини забавно? Додека вие не станете предмет на забавата…

Ќе помине и цела недела од трагедијата пред дискотеката во Градски парк, а јавното фејсбук-черечење на настанот и актерите во него не стивнуваат. Протече видеоснимка направена од државни камери, јавно се прераскажуваат приватни лекарски наоди и се интерпретираат медицински дијагнози за починатиот, изјавите на сведоците се „во трка“ со изјавите на анонимни службени лица за наводното однесување на приведените во полициска станица, а неовластено и сеирџиски објавените детали од апсењата се поколоритни од оние во официјалните записници… Сите се натпреваруваат кој ќе додаде повеќе контроверзи од животот на починатиот и осомничените, се пласираат најфантастични претпоставки, се имплицираат роднини, се шират алузии за секс, видеоленти, алкохол, сомнителни наркотични супстанци, дискотека без дозвола за работа, нејзини сопственици со врски во политичко-полициското подземје, партиски препукувања, меѓународна „димензија“…

Јавноста веќе правосилно им пресуди на замешаните, без право на жалба. Понатамошната истрага, документирањето на случајот и судскиот процес што би следувал ќе бидат непотребно трошење на време и државни пари.

Сите размислуваат во ритамот и форматот на таблоидните портали, удавени во воајерската тривијалност на социјалните мрежи. Нема сочувство ниту со жртвата ниту со семејството, нема емпатија ни за осомничените.

А потоа нов скандал со снимки за земање поткуп на водач на смена во Царината… Па лавина сомневања за подметнување пожар кај „Треска“ уште пред „истрагата“ да излезе од чадот и пепелта на запалените објекти… Додека ова отиде „во печат“, којзнае која нова афера ќе ги потисне претходниве (како и претходните на претходните) и ќе го „завладее“ виртуелниот простор на нашите реални животи.

За овој „феномен“ може да има разни општествени, социјални, психолошки, комуниколошки, какви сакате, па и патолошки објаснувања, но во еден сегмент сигурно може да се најде доволно потфрлање, произведен од официјалниот информативен и процедурален „вакуум“, што потоа се полни со конфузната врева во јавноста. На пример, сега гледаме дека не постои процедура во која, при интервенција на брза помош во инцидент со потешки или смртни последици, МВР автоматски службено би се информирало (бидејќи никој од сведоците на настанот не нашол за потребно да повика полиција); дека никој во Обвинителството или во МВР не испитува кој од нивните службеници и официјални лица раскажува прикаски по социјални мрежи и медиуми од истраги кои се во тек, а да не зборуваме за делење службени видео записи кому како ќе му текне; дека нема ни процедури по болниците кој доктор што треба или што (не) смее да дава како јавни изјави за пациенти кои им се тукушто донесени на третман или кои дури и починале на интервентните маси… Целиот службен систем се однесува како „социјална мрежа“ во кој лајковите се поважни од правилата и процедурите што би морале да постојат.

Не е спорно: Јавноста има право да знае! Плус, нејзината љубопитност е ургентна, неограничена, па дури и по прашањето за споделување непристојни детали од настаните.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close