(ВИДЕО) 2.198.502.007 килограми отпад увезени во Македонија во минативе десетина години
Според македонскиот Државен завод за статистика, во земјата меѓу јануари 2015 и август 2025 година легално се увезени околу 2,2 милијарди килограми отпад. Од тие количини, најмногу отпад е увезен во 2017 година. Пораст се забележува и во последните две години, пишува Нота.

© Adobe Stock
Во Македонија постоеше намера за редовен увоз на италијански отпад, преку фабрика за рециклирање во Гевгелија. Но, таа намера беше спречена по протестите на жителите пред пет години. Отпадот требаше да се носи во околина на фабрики за производство на храна.
„Се работеше за увоз на отпад од Италија. Значи не наш отпад, туку увоз на отпад од Италија во количина од 250 до 300.000 тона годишно – комунален и индустриски отпад. Каква е таа количина? Ќе ви кажам дека Гевгелија и гевгелиска општина на годишно ново произведува некаде околу 20.000 тона отпад – комунален и индустриски. Значи, не е ни една десетина. Додека Македонија на годишно ниво произведува некаде околу 800.000 тона. Замислете, тоа половина отпад што го имаме во државата, што го продуцираме секоја година, требаше да го увезуваме од Италија во оваа таканаречена фабрика да се само селектира и потоа во форма дали на спакувани бали, дали во форма на чипсови или не знам што да се транспортира до потрошувачите“, објаснува Ангел Наков од „Спас за Гевгелија“.

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, вели дека не успеала да убеди ниту еден инспектор да направи контрола на увоз на отпад, посебно кога постоел ризик.
„Мала земја сме, мали ресурси, мала политичка поддршка – ете, тоа е тоа“, вели Петровска.
На 19 Август годинава испративме барање за слободен пристап до информации до Царината. Како и при други истражувања и овој пат Царината не одговори на барањето. Прашавме дали двата сектори за посебни истражни мерки и за контрола и истраги во минатите десет години имаат откриено обиди за нелегален внес на отпад во Македонија и доколку откриле, за што се работело и кои фирми биле вмешани. Од оваа институција не добивме одговор ни како се прават контролите на легално увезениот отпад.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.










